Фото: ЕПА

Бразилецот е четвртиот возач што освоил две титули по ред во третото и во второто ниво, по Леклер, Расел и Пјастри, возачи од висок калибар, пишува Ф1. „Среќен сум што ја претставувам мојата земја, но тоа не ме задоволува целосно. Сакам да победувам на трки, да се борам за важни работи“, рече Бортолето

Кога Габриел Бортолето ќе се најде на почетната позиција на трката во Формула 1 (Ф1) во Мелбурн в година, тоа ќе биде кулминација на вистински брз напредок, патување што почнува во италијанската Формула 4 и неговото деби во 2020 година, пишува Ф1 на својата интернет-страница. Во почетокот на ноември беше објавено дека 20-годишниот Бразилец ќе му се приклучи на Заубер за сезоната во 2025 година. Тој пристигна во Формула 3 во 2023 година и како дебитант ја освои титулата во првата година. Тој се надоврза на тоа со уште еден импресивен дебитантски настап во Формула 2, станувајќи четвртиот возач што освоил две титули по ред во третото и во второто ниво, по Шарл Леклер, Џорџ Расел и Оскар Пјастри, возачи од висок калибар, пишува Ф1.
– За мене е чест да се биде меѓу овие имиња. Можете да видите дека овие возачи се победници на трки во Формула 1, силни кандидати да бидат идни претенденти за титулата, така што за мене е привилегија да бидам дел од таа листа. Тие се возачи што се многу силни и се инспирација за помладата генерација што доаѓа преку Ф2 и Ф3 и сака да го направи истото како тие во минатото. За мене е убаво да се биде дел од овој клуб. Сега да видам што можам да направам и во Ф1 – вели Бортолето.
Титулите беа освоени со импресивни серии на конзистентност, нешто што 20-годишниот возач го направи свој заштитен знак и покрај неговиот дебитантски статус во двете години. Во Ф3 тој не освои бодови само трипати на 14 трки, а во Ф2 беше само еднаш надвор од првите 10 во текот на годината по три откажувања на почетокот на сезоната. Тоа не е случајно, како што вели тој, бидејќи оствари некои од неговите најимпресивни изведби во кариерата.
– Не е лесно. Имавме многу напорна работа тимот и јас и моите тимски колеги. Со Тридент во Ф3 и Инвикта во Ф2, не знам колку часа поминавме на симулатор во овие две години. Тоа не е случајно и мислам дека ова сега е резултат на мојата напорна работа и на тимовите. Јас бев дел од два тима што имаат силни инженери и механичари, сите работеа напорно за да ги постигнат овие резултати и мислам дека постојаноста беше еден од најголемите квалитети во овие сезони во Ф3 и во Ф2. Секогаш сме можеле да бидеме брзи. Многу помага да се биде константен, редовно да се освојуваат поени – вели тој.
На 20-годишна возраст тој ќе биде најмладиот бразилски возач што се нашол на Формула 1 откако неговиот колега од Сао Паоло, Фелипе Маса, му се приклучи на Заубер во 2002 година и стана првиот бразилски возач со полно работно време во Ф1 откако Маса замина од тој спорт во 2017 година.
Поддршката и страста што бразилските навивачи веќе ги имаат за Бортолето јасно се видоа кога тој беше на теренот во Сао Паоло за гранпри-викендот, а тој се надева дека ќе ги направи горди. Сепак, тој нема да се задоволи само со тоа.
– Среќен сум што ја претставувам мојата земја, но тоа не ме задоволува целосно. Сакам да ја претставувам мојата земја, но сакам да победувам на трки во иднина, да се борам за важни работи. Но, прво, треба да се подобрам како возач и да напредувам во Ф1, тоа е најважно за мене сега. Мојата цел е повисока од тоа. Не сум среќен само што сум возач во Формула 1, сакам да можам да се борам за нештата и да ја направам мојата земја горда на сѐ што можам да постигнам. Ќе научиме нови работи; ќе се подобрам затоа што сега е друга ситуација. Ф2 беше во фокусот додека не ја завршив сезоната. Откако влегов во болидот на Заубер и почнав да се подготвувам и да правам големи брифинзи и состаноци со тимот, тоа беше моментот кога фокусот се промени – рече тој, пренесе Формула 1. Н.М.