Стојановиќ настапи на четири светски, едно европско и на 13 балкански шампионати. Тој 12 пати беше првак на поранешна Југославија во меч и во флорет во поединечна и во екипна конкуренција. Богатата кариера ја заокружи со осум медали од БШ, а на 36 години беше победник на Средбата на солидарноста во 1992 година
Зоран Стојановиќ (2)
За легендарниот мечувалец Зоран Стојановиќ, кој беше еден од најуспешните македонски спортисти, има многу да се пишува. Но овој пат ќе се задржам на оние најзначајните настапи што ја обележаа неговата богата кариера. Откако како пионер и младинец беше во рацете на уште една легенда, Владимир Шуманов, за кого може да се каже оти е основоположник на мечувалечкиот спорт во Македонија, Стојановиќ амбициозно тргна по стапките на неговите претходници, повеќекратните шампиони на поранешна Југославија, Александар Анастасов и Кирил Ристевски. Тие, практично, го повлекоа во квалитетното друштво и нивните резултати беа репер за младиот Стојановиќ. Кога веќе почна сериозно да се занимава со овој спорт, кој го засака уште во детството, гледајќи ги филмовите за мускетарите, реши амбициозно и со голем ентузијазам да почне да тренира.
– Во првите години од моето активно занимавање со мечувањето, откако освоив неколку пионерски и младински титули на републичко ниво, а на еден младинскиот шампионат на Југославија во Скопје бев четврти во меч, посакував да напредувам и барем да се доближам до резултатите на познатите асови Александар Анастасов и Кирил Ристевски. Едноставно, сакав да зачекорам по нивните патеки, зашто тие навистина беа големи sвезди во тогашните југословенски простори. Впрочем, деветте освоени титули првак на Југославија, од кои пет му припаднаа на Анастасов, а четири на Ристевски, во периодот од 1968 до 1977 година најубаво зборуваат за колку квалитетни спортисти станува збор. Јас, пак, понесен од нивните резултати, посакував да го продолжам континуитетот на победи на македонските мечувалци, што веќе следната година ми се оствари. За изненадување на мечувалците од Србија и од Словенија, кои сметаа оти конечно ним им е редот да дојдат до титулите, јас им ги расипав сметките и во 1977 година станав сениорски првак во меч – вели Стојановиќ.
Овој шампионат беше многу неизвесен и интересен. Малкумина очекуваа оти Македонија веднаш ќе најде замена за Анастасов и Ристевски. Сите веројатно си помислија „се ослободивме од нив двајца, сега нам ни е редот“. Но, очигледно, се излажаа, зашто заборавија на 21-годишното момче што во минатите години, „повлечено“ од двата аса, го надградуваше квалитетот и полека, но сигурно, чекореше кон врвот.
– Бев големо изненадување за сите, дури и јас самиот не можев да поверувам оти во една силна конкуренција, покрај еден Савиќ, Нечковиќ и другите, ќе стигнам до шампионската титула. Но, ете, и тоа се случи. Победив и во спортската историја стои запишано оти по Анастасов и Ристевски, јас сум следниот шампион на поранешната држава, кој доаѓа од Македонија – вели тој.
Грст медали од балканијадите, но без злато
За сите спортисти од поранешна Југославија балканијадите беа репер за да видат до каде се нивните квалитети. Затоа, за овие настапи посебно се подготвуваа.
– Имаше причина зошто беше тоа така. Со оглед на тоа што на светските и на европските првенства тешко се доаѓаше до висок пласман и медал, на балканијадите поради послабата конкуренција можеше да се стигне до пиедесталот. Меѓутоа, овде има и еден интересен податок. Имено, иако на БШ, на кои имав 13 настапи, освоив дури осум медали, ниту еден не е златен, билансот беше пет сребра и три бронзи во тимските натпревари. Ако некој се интересира зошто беше така, веднаш ќе кажам, од едноставна причина што мечувалците од Романија не само што беа доминантни на балканските простори туку со години веќе се наредија во светската елита. Тие повремено имаа дури медали од ЕП, СП и олимпијадите, па тешко некој можеше да им парира. Ретко се случуваше некоја друга земја да триумфира на Балканот или, пак, тоа можеше да се случи само доколку Романците не настапеа. Но таквите случаи беа ретки, зашто и тие беа заинтересирани и ги посакуваа триумфите во конкуренција на мечувалците од Балканот. За нив и овие медали, иако се работеше за регионален натпревар, имаа големо значење – вели Стојановиќ.
Од балканските првенства Зоран Стојановиќ се сеќава на својот прв старт во дресот на репрезентацијата на поранешната држава.
– Тоа беше во Белград, во 1978 година, кога имав навистина еден несекојдневен меч со репрезентативецот на Бугарија. Тој водеше со 4-1, но јас уште имав надеж оти можам да го стигнам. Во тие моменти можеби само јас бев оптимист, додека другите членови на југословенскиот состав не веруваа дека може да направам пресврт. Но, како што често знаеме да кажеме оти надежта последна умира, така и јас со верба во себе она неможното во овој меч направив да биде можно. Во финишот тргнав во последна офанзива и едноподруго освојував поени, па така, пред да биде означен крајот на борбата, дојдов до победа со 5-4. Тоа беше просто за неверување, но, ете, и тоа се случи. Тогаш, со четирите победи на Сашо Анастасов и оваа моја победа во еден драматичен дуел, во конечниот пласман бевме втори – вели Стојановиќ.
Инаку, дуелите со Бугарите секогаш беа интересни, зашто ако не за првата позиција, зашто Романците секогаш беа фаворити, тие решаваа за второто место.
– Се сеќавам и на еден шампионат одржан во Кладово, кога во отсуство на Романците имавме шанса да бидеме први, но тогаш повторно Бугарите се испречија на патот, нѐ победија со 6-3 и го освоија победничкиот пехар. Има уште многу доживувања од натпреварите со репрезентациите од балканските земји, некогаш имаше победи, некогаш порази, но без оглед на сѐ, дури и кога против себе имав мечувалец што има освоено медали на ЕП или на СП, јас настапував максимално ангажирано и сакав да дадам придонес во евентуалниот конечен успех. За жал, од толку многу настапи на овие натпревари, не освоив ниту едно злато, но сепак сум задоволен со петте сребра и трите балкански бронзи – вели Стојановиќ.
Победен актуелниот светски првак
Резултатите што ги постигнуваше на балканијадите на Стојановиќ му ја отворија вратата за настап на светските и на европските првенства. Интересно е оти тој настапи на четири светски првенства, во Лозана, Софија, Лион и во Будимпешта, а беше учесник и на европските првенства, кои почнаа да се одржуваат многу подоцна од светските шампионати.
– На моето деби на европските првенства, во Медлинг, Австрија, стигнав до четвртата рунда, што значи се пласирав меѓу 24-та најдобри Европејци. Конкуренцијата беше многу силна, како да се работеше за светско првенство, а не за европско првенство, па и самиот бев задоволен од овој резултат. Меѓутоа, уште позадоволен бев и од мечевите во кои се претставив на едно високо квалитетно ниво. Кога ќе кажам дека во квалификациските борби го совладав актуелниот светски првак Унгарецот Јена Пап, сѐ ќе стане јасно. Имав и еден дуел со легендарниот Германец Александар Буш, од кого тесно загубив со 3-5, но прикажав одлична борба, во која искуството на противникот дојде до полн израз. Инаку, за конечниот исход на мечот решаваа и некои ситни детали, кои Германецот мајсторски ги искористи. Овој меч беше многу значаен зашто преку него се отвораше патот за самата завршница и борбата за медал. Инаку, претходно покрај Пап, го совладав и светскиот младински првак. За жал, не успеав да се борам за медал, но сите овие резултати на првиот настап на ЕП на некој начин ме исфрлија во европската елита, од што бев особено задоволен и горд – рече тој.
Без дрскост нема победа
Кога зборува за меѓународните настапи, Стојановиќ потенцира и еден навистина интересен момент.
– Јас и моите клупски другари бевме воспитувани од нашиот, за жал сега покоен, тренер Владимир Шуманов, сѐ да биде во духот на спортската борба. Тој сакаше мирно и со умешност да се дојде до победата, дури не дозволуваше да покажуваме макар и мала дрскост. Но мора да кажам оти во мечевите со искусните противници, кои поминале низ многу тешки и неизвесни борби, токму таа дрскост ни недостигаше – рече тој.
Откако на 36 години победи на „Средбата на солидарноста“ во 1992 година во Скопје, Зоран Стојановиќ помислуваше да се повлече. Но, тоа не го стори веднаш, туку остана во арената и освои уште две титули национален првак во независна Македонија. Потоа, заедно со поранешната мечувалка Кузмановска го формира МК Вардар, во кој создаваат квалитетни мечувалци.
– Впрочем, и последните резултати се охрабрувачки и зборуваат за мојата посветеност како тренер. Нашиот кадетски состав е меѓу 16-те најдобри во Европа. Верувам дека во блиска иднина ќе излезе некој од нив што ќе се бори за висок пласман и на сениорските меѓународни првенства и турнири – вели Зоран Стојановиќ.
Да веруваме оти прогнозата на легендарниот македонски мечувалец Зоран Стојановиќ, кој зад себе остави една блескава кариера, зачинета со 12 шампионски титули во поранешната држава и грст медали од балканијадите, ќе се оствари и еден ден ќе може да се радуваме на нови успеси на македонските мечувалци на меѓународната сцена.