МОТОСПОРТ

Италијанскиот мотоциклист Андреа Довициозо, кој се пензионира минатата сезона, ќе биде примен во Куќата на славните на Мото ГП во Муџело, Италија. Довициозо на трите сезони во низа (2017-2019) го освои второто место во најсилната класа и му беше главен ривал на Шпанецот Марк Маркез. Својата прва значајна титула ја освои во 2004 година, во шампионат од 125 кубици. Тогаш заврши пред Шпанецот Хорхе Лоренцо, Австралиецот Кејси Стонер и Шпанецот Алваро Баутиста, што се смета за голем успех.
Потоа помина три сезони во категоријата до 250 кубици, каде што трипати беше меѓу првите тројца во генералниот пласман, но не и на врвот. Најблиску до пехарот во најсилната класа беше со Дукати во 2017 година, кога оствари шест победи во сезоната и до последната трка се бореше за светската титула со конкурентот Маркез.
– Кога ми рекоа дека ќе бидам примен во Куќата на славните, бев многу изненаден, но истовремено горд и среќен, оти ќе го носам звањето легенда на Мото ГП – задоволно изјави Довициозо. Г.И.