Фото: ЕПА

ПО ОСВОЕНАТА ТИТУЛА И НА СП 2026 ВО СКИЈАЧКИ ЛЕТОВИ

  • Тој во саботата стана светски првак во скијачки летови, сезонава победи и на престижниот натпревар „Четири скокалници“ и убедливо води во Светскиот куп, а од лани е и светски рекордер и светски првак во скијачки скокови

Домен Превц ја освои својата прва индивидуална светска титула во скијачки летови, откако победи на Светското првенство (СП) во Оберсдорф (Германија) во саботата и стана третиот Словенец што ја освои таа круна, следејќи ги стапките на својот брат Петер Превц (победи во 2016 година) и на Роберт Крањец (2012), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Превц убедливо ја освои титулата со вкупно 59,5 поени повеќе од второпласираниот, светскиот шампион од 2022 година, Мариус Линдвик (Норвешка).
– Работам за ова долго време. Скијачките летови се една од моите омилени дисциплини – рече Превц.
Превц доминира сезонава во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови, а ја освои и титулата на престижната новогодишна турнеја „Четири скокалници“, пишува ФИС. Во СК води со 467 поени повеќе.
– Во почетокот на сезоната реков: „Ако можам да постигнам барем една од тие три цели, ќе бидам многу задоволен. Сега имам две од нив. Почнувам да се чувствувам неверојатно, навистина е неверојатно како се одвива сезоната. Навистина сум среќен што сѐ си дојде на свое место и што мојот труд се исплати. Јас сум тип на личност на која ѝ треба малку време за да се почувствува успехот. Нема да врескам од возбуда, но имам одлично чувство во моментов. Сонот продолжува. Зимските олимписки игри се пред вратата и едвај чекам да почнат – рече Превц, пренесе ФИС.
Превц од лани е и светски рекордер со 254,5 метри и светски првак во скијачки скокови (победи на СП 2025 во нордиски дисциплини).
СП 2026 во скијачки летови продолжи со тимскиот натпревар синоќа, давајќи му шанса на Превц да постигне редок двоен успех. Словенија ја брани својата титула од 2024 година и може да стане третата репрезентација што го освоила овој натпревар трипати по ред, по Австрија (2008, 2010 и 2012 година) и Норвешка (2016, 2018 и 2020). Превц и неговиот репрезентативен колега Тими Зајц можат да ја освојат својата трета светска тимска титула, што би бил заеднички рекорд, пишува ФИС. Н.М.