Европската џудо-унија (ЕЈУ) активно ја вклучува ЏФМ во многу значајни проекти за подобрување на џудо-спортот во Македонија, како што се надградба на образованието и развој на клупските тренери, кои се новите методи што треба да се применуваат при тренажните процеси во клубовите и репрезентациите, вели генералниот секретар на ЏФМ, Миодраг Стојановиќ

ДЕНЕСКА И УТРЕ ВО СКОПЈЕ

Со одржување на првиот од низата семинари и едукации, кои се дел од проектот „Подобри го својот клуб“, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) ги почнува годишните активности за подобрување на работата на тренерите во македонските џудо-клубови. Предавач на семинарот, кој денеска и утре ќе се одржи во СЦ „Кале“ во Скопје, е Французинот Фредерик Демонфакон (7 ДАН), експерт од Европската џудо-унија (ЕЈУ), кој е и лидер на овој проект. Покрај него на семинарот ќе присуствува и Џејн Бриџ (8 ДАН), потпретседател на ЕЈУ.
– Европската џудо-унија (ЕЈУ) активно ја вклучува ЏФМ во многу значајни проекти за подобрување на џудо-спортот во Македонија, како што се надградба на образованието и развој на клупските тренери, кои се новите методи што треба да се применуваат при одвивањето на тренажните процеси во клубовите и репрезентациите и се со исто значење за националните тренери што се одговорни за врвните натпреварувачи во овој спорт. Локалните клубови се почетна точка за репрезентациите, како во џудо-спортот така и во сите спортски федерации. Квалитетното основно учење е суштински фундамент за создавање квалитетен спортист и затоа треба да им се овозможи да ја достигнат својата цел и да прикажат својот потенцијал – вели генералниот секретар на ЏФМ, Миодраг Стојановиќ.
Во 2013 година, ЕЈУ ја формира експертската група на џудисти што го развија проектот „Подобри го својот клуб“. Проектот се состои од уникатни едукативни семинари, развиени и спроведени од експертите на ЕЈУ и фокусирани на подучување на децата од осум до 12 години. Овие семинари имаат двојна цел, да ги подучуваат тренерите на клубовите за ефективно да ги мотивираат младите луѓе како да продолжат да тренираат и да се натпреваруваат во џудо-спортот. Пред ковид-19, ЕЈУ организира 55 семинари со повеќе од 5.100 учесници во 15 земји.

– Експертите на ЕЈУ се достапни за спроведување семинари организирани од националните федерации за нивните џудо-тренери. Секој клуб може во согласност со националната федерација да аплицира за организирање семинар со присуство на џудо-експерт, кои, пак, се верификувани од ЕЈУ, а се дел од проектот „Подобри го својот клуб“ и се докажани џудисти и носители на мајсторски џудо-појаси од највисок ранг – вели Стојановиќ.
Демонфакон ќе одржи четири сесии практична работа на татамите со македонските тренери, а тема ќе биде работата со џудисти на возраст од 12 до 14 години. Бриџ, пак, ќе ги информира македонските тренери и клубови за тековните и идни проекти на ЕЈУ.
– Во врска со овој проект, експертите развија уникатен сет видеа, кои служат како поддршка за семинарите на „Подобри го својот клуб“. Целосна палета техники, со прогресија од „ukemi“ до „ne waza“, се ставени на линија за да се консултираат и едуцираат тренерите. Оние што веќе учествувале на еден од семинарите на овој проект имаат пристап до сите семинари што се одржале од 2013 г. до денес – додава Стојановиќ.
Сето ова се реализира по многубројните состаноци нa ЕЈУ, на кои присуствуваше и претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски. Оваа соработка и помош за подобрување на работата на џудо-клубовите ќе продолжи и во иднина преку семинари и друг вид едукации.