Ѓошевска, која има големо искуство како атлетичарка, сега и како тренерка смета дека без практикување на атлетиката уште во детските години нема напредок на кралицата на спортовите. Учесничка е на повеќе балканијади, а како репрезентативна тренерка ги водеше Даниела Кулеска и Ване Стојанов на Олимпијадата во Сиднеј, во 2000 година
Божурка Ѓошевска (2)
Со појавата на Божурка Ѓошевска на атлетската патека уште во 70-тите години на минатиот век, кралицата на спортовите во Македонија прво доби квалитетна атлетичарка, а подоцна и тренерка. За она што постигна таа како активна атлетичарка остануваат да сведочат нејзините резултати зачувани во атлетската архива, а за тоа за каква тренерка се работи може да се уверат и денеска љубителите на атлетскиот спорт. Таа во АК Работнички има една квалитетна група момчиња и девојки, кои постигнуваат солидни резултати и ги бранат боите на нашата држава на меѓународните натпревари. Како педагог, пак, со долгогодишно искуство предавајќи атлетика во Училиштето за физичка култура во Скопје, од каде што неодамна замина и во пензија, правилно ги насочуваше младите вљубеници во овој базичен спорт, како да тренираат и на што да обрнат внимание за да станат квалитетни атлетичари.
– Кога почувствував оти како активна атлетичарка го постигнав својот максимум, решив да се посветам на учењето и се запишав на Факултетот за спорт и здравје во Скопје. Откако ги оставив спринтерките, се подредив на учењето и не испуштав ниту еден час. Сакав што подлабоко да навлезам во суштината на спортскиот тренинг, притоа користејќи го своето акумулирано искуство. Со оглед на тоа што зад себе имав една долгогодишна кариера можев да ги разграничам работите и да направам една паралела меѓу доброто и штетното, зашто тренингот не е само трчање туку неговата реализација треба да биде заснована на научна база. Од искуство знаев многу работи, но едно е тоа, друго е кога ќе си поткован и со теоретско знаење. Така, тргнувајќи од два аспекта, користејќи еден сублимат на теорија и практика, доаѓаш до извесни сознанија што ќе те водат низ тренингот за тој да биде поефикасен – вели Ѓошевска.
Учесничка на Олимпијадата во Сиднеј
Сега да се вратиме на уште неколку моменти од кариерата на Божурка за да видиме каков беше нејзиниот спортски живот.
– Еден од најубавите моменти во мојата тренерска кариера се случи кога од АФМ и од МОК бев определена да одам на Олимпијадата во Сиднеј и да ги водам Даниела Кулеска и Ване Стојанов. Тоа беше големо признание за мене и за мојата работа во атлетскиот спорт. Да се почувствуваат шмекот на олимпизмот и оној олимписки дух, кои провејуваат во текот на одржувањето на најголемата светска спортска приредба, е нешто величествено. Ако за секој спортист е сон да настапи на олимпијадата, тогаш истото тоа се однесува и за секој тренер, да биде учесник и дел од тој спектакуларен настан. Јас сум пресреќна што непосредно можев да видам што е она што олимпијадите ги прави толку „големи“ во очите на светската спортска јавност. Дружењето со шампионите е нешто посебно. Во Олимпиското село не се гледа кој е кој и какви резултати има, тука сите сме исти. Има меѓусебна почит, зашто и оние најквалитетните спортисти се свесни, оти сите не можат да бидат како нив, но штом сме тука на Олимпијадата, тоа значи дека и ние имаме определени квалитети. Што се однесува, пак, до настапот на нашите атлетичари бев задоволна што и двајцата постигнаа резултати приближни на оние што практично им го отворија патот да се најдат во Сиднеј. Во силната конкуренција и не можеше да се очекува некој нивен пробив во завршните трки, зашто едноставно тоа не беше реално. Сите знаевме оти нашето учество, не само на таа Олимпијада, што се однесува барем до атлетиката, е повеќе симболично. Свесни сме оти треба да се работи уште многу, а тоа значи да се создадат максимални услови за живот и за тренинг на перспективните атлетичари, па на ваквите собири од нив да очекуваме некое поголемо достигнување – вели таа.
Ограбени во Најроби
Кога веќе споменав за учеството на Божурка на Олимпијадата, да кажам оти таа со своите атлетичари имаше можност повеќепати да биде присутна и на други големи манифестации. Таа беше дел и од светските и од европските првенства, пред сѐ во младинска конкуренција, како и на балканијадите, кои всушност се репер да видиме ние во Македонија до каде сме стигнале во атлетскиот спорт.
– Во оваа пригода не можам, а да не го споменам непријатното доживување што го имав на СП за младинци во Најроби, Кенија. Уште на денот на пристигнувањето во престолнината на земјата на атлетските шампиони и рекордери бевме ограбени. Бевме нападнати од една група хулигани, кои ни ги зедоа сите работи што ги имавме во рацете. Отидоа и парите што беа наменети за плаќање на престојот во хотелот, каде што беа сместени дел од учесниците на првенството, а и некои други лични работи. Кога ќе помислам оти можеше да биде и полошо дури да бидеме и физички нападнати, сепак, добро поминавме. Веста за немилиот настан брзо се рашири. Домаќините веднаш дојдоа и се извинуваа за она што ни се случи, а за што тие немаа никаква вина. Чувствувајќи некаква одговорност кон нас ни рекоа да не се грижиме оти сите обврски кон хотелот, тие како домаќини ќе ги покријат, дури во знак на извинување ни беше даден на располагање и автомобил со возач, кој можевме да го користиме до денот на нашето заминување. Навистина и тие беа несреќни што, ете, инцидентот се случи во нивната земја, во која како што подоцна можевме да се увериме живеат добро луѓе, кои ги почитуваат гостите и се подготвени на секој чекор да им помогнат. А она што ни се случи нам може да се смета само како еден немил настан, кој може да се случи и во некоја друга земја. Инаку, сѐ друго мина во најдобар ред, па така, по почетниот шок дојдоа и многу поведри моменти – рече таа.
Таленти има, перспектива нема
Малку е чудно кога ќе кажеме оти во нашата држава имаме многу таленти за атлетиката, а перспективата е речиси никаква. Зошто е тоа така има многу причини, но една од главните е што атлетичарите немаат свој дом, а клубовите мака мачат да обезбедат барем минимални средства за егзистенција.
– Точно е тоа дека таленти има, но точно е и тоа оти тие таленти немаат речиси никакви услови за работа. Затоа, со време и тие се губат, па наместо да се радуваме на нивните високи постигнувања, останува само да тагуваме што, ете, не сме успеале да направиме еден исчекор напред, кон квалитетното издигнување на македонската атлетика. Многумина кога ќе го слушнат она што постојано го потенцираме, оти сме поднебје навистина на атлетски таленти, остануваат зачудени и се прашуваат кога е така, зошто немаме барем десетина атлетичари како на пример што е во моментов Дарио Ивановски, па и тие да постигнуваат резултати како него. Но, за жал, кај нас како да нема разбирање за атлетиката, па кралицата на спортовите останува без онаа круна што зрачи и кажува оти таа е базичен спорт, која заслужува поголемо внимание и респект. Ете, за жал, такви се околностите и ние, иако имаме и добри резултати во некои дисциплини, сепак, како спорт играме епизодна улога во вкупното спортско живеење – вели Ѓошевска.
Зошто е тоа така, Ѓошевска наведува неколку примери, кои се од есенцијално значење за напредокот на атлетскиот спорт. Па изнесуваме некои нејзини размислувања, кои се производ на реалната ситуација во која се наоѓа „кралицата“.
– Македонија нема професионален атлетски тренер, нема атлетски стадион на кој би се тренирале сите дисциплини, клубовите немаат адекватни соблекувални и децата на тренинг доаѓаат подготвени уште од дома или, пак, се соблекуваат во поттрибинскиот простор на Градскиот стадион (говорам за скопските атлетичари, макар што и во другите градови состојбата е слична), потоа стадионот работи до 15 часот, а некои деца се на училиште до многу подоцна. Па во една ваква ситуација како може да говориме за некакво анимирање на децата да се вклучуваат во спортот што само живурка, а општо е познато дека детската е предуслов за градење на квалитетна атлетика. Има уште многу аномалии што ја следат кралицата на спортовите и не ѝ даваат шанса да стане вистинска кралица со круна. Ние тренерите најдобро го чувствуваме тоа – вели таа.
Тоа беше сликата за една од нашите најпознати атлетичарки, сега тренерка со големо искуство, Божурка Ѓошевска. Проблеми во нејзиниот спорт има, но таа е вечна оптимистка и никогаш не се предава, како што не се предаваше и тогаш кога беше активна атлетичарка, шампионка и рекордерка.