ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Новата натпреварувачка сезона во Премиер-лигата почна изминатиов викенд. И покрај тоа што ќе значи враќање на некои познати ликови на теренот, ќе има и фудбалери што за првпат ќе сакаат да остават свој белег во ова квалитетно фудбалско натпреварување. Притоа некои клубови беа позафатени од другите во градењето на играчките состави за сезоната 2024-2025. Без посебен редослед, лондонски „Би-би-си спорт“ одбра 10 играчи, кои со својата игра ќе се обидат да го привлечат вниманието во годинашнава англиска Премиер-лига.
РИКАРДО КАЛАФИОРИ, АРСЕНАЛ (ОДБРАНА)
Арсенал оваа сезона повторно ќе се обиде да го победи Манчестер сити во настојувањето да стигне до посакуваната титула во Премиер-лигата, па ги засили одбранбените опции со потписот на италијанскиот дефанзивец Рикардо Калафиори (22), кој го заврши својот трансфер од Болоња при крајот на јули вреден 42 милиони фунти. Левоногиот играч му се приклучи на тимот од Серија А само за 3,3 милиони фунти минатото лето, но брзо стана клучен играч, привлекувајќи интерес на клубовите низ Европа, откако беше една од најистакнатите фигури во разочарувачката кампања на Европското првенство (ЕП) 2024 за репрезентацијата на Италија.
ЏОШУА ЦИРКЗИ, МАНЧЕСТЕР Ј. (НАПАД)
Уште едно ново пристигнување во Премиер-лигата од Болоња. Холандскиот напаѓач Џошуа Циркзи му се приклучи на Манчестер јунајтед ова лето, а трансферот беше вреден 36,54 милиони фунти. Поранешниот играч на германски Баерн Минхен постигна 12 гола на 37 меча лани во Италија и го доби дресот со број 11 на „црвените ѓаволи“ за претстојната кампања. Тој барем во првото коло ги оправда очекувањата на Манчестер јунајтед, оти пред своите навивачи го постигна победоносниот и единствен гол против екипата на Фулам, а со тоа клубот ги освои и првите три бода
САВИЊО, МАНЧЕСТЕР С. (НАПАД)
Манчестер сити плати 30 милиони фунти за да го ангажира во јули бразилското крило Савињо (20) од Троа. Играше како позајмен фудбалер во шпанска Џирона минатата сезона, екипа што на крајот заврши на извонредното трето место во Ла лига. Тој го имаше своето репрезентативно деби за Бразил против Англија во март и оттогаш забележа уште шест репрезентативни натпревари.
– Тој има голема улога за Манчестер сити сезонава и пошироко. Ние сме целосно уверени во неговите способности – рече директорот на Манчестер сити, Тксики Бегиристајн.
НИКЛАС ФУЛКРУГ, ВЕСТ ХЕМ (НАПАД)
Новиот тренер на Вест Хем, Хулен Лопетеги, направи неколку засилувања во настојувањето да ја преобликува екипата за наредната сезона, но изборот на групата е Никлас Фулкруг (31). Овој германски напаѓач им се приклучи на „чеканите“ од Борусија Дортмунд за 27 милиони фунти. Тој постигна 15 гола на 46 меча во сезоната 2023-2024 и заврши како вицешампион во Лигата на шампионите (ЛШ). Тој, исто така, постигна два гола за домаќинот Германија во четврт-финалето на ЕП годинава и покрај тоа што не го започна натпреварот од почеток.
ДАИЧИ КАМАДА, КРИСТАЛ ПАЛАС (СРЕДИНА)
Менаџерот на Кристал Палас, Оливер Гласнер, го донесе летово јапонскиот фудбалер од средниот ред, Даичи Камада (27). Камада им се приклучи од италијанскиот клуб Лацио на слободен трансфер по една година мината во Серија А, а претходно играше под водство на Гласнер во Ајнтрахт Франкфурт, каде што двајцата заедно ја освоија Лигата на Европа (ЛЕ) во 2022 година. Тој постигна 40 гола и впиша 33 асистенции на 179 меча одиграни за Ајнтрахт Франкфурт пред да се пресели во Лацио. Камада има одиграно и 33 натпревари за неговата држава.
ЛУКАС БЕРГВАЛ, ТОТЕНХЕМ (СРЕДИНА)
Тотенхем инвестираше во младоста со потписите на 18-годишните фудбалери Лукас Бергвал и Арчи Греј, а првиот посебно создаде силен аргумент да биде стартер за новата сезона со исклучително импресивната претсезона. Играчот од средниот ред Бергвал се приклучи од шведскиот клуб Дjургарден за сума од 8,5 милиони фунти. Швеѓанецот го привлече вниманието со својата креативност и контрола на топката, при што имаше особено импресивен настап како замена на полувремето против германски Баерн Минхен, во пријателскиот пораз (1-2).
ЏЕЈК О’БРАЈАН, ЕВЕРТОН (ОДБРАНА)
Џејк О’Брајан (23) се враќа во Премиер-лигата откако поранешниот дефанзивец на Кристал Палас летово му се приклучи на Евертон од клубот Лион од Лига 1. Репрезентативецот на Република Ирска не настапи во лигата за Кристал Палас, но се враќа во Англија со врвно искуство, откако лани одигра 27 меча во Франција. Тој се надева дека ќе ги следи стапките на својот колега Тофи Џарад Брантвејт, откако дефанзивецот минатата сезона уживаше во импресивна кампања во Премиер-лигата, откако настапуваше во странство.
НИКОЛА МИЛЕНКОВИЌ, НОТИНГЕМ Ф. (ОДБРАНА)
Нотингем Форест се надева дека ќе ја одигра оваа сезона подобро, откако минатата се бореше на дното на табелата. Клубот ја засили својата одбрана со потпишувањето на српскиот репрезентативец Никола Миленковиќ (26), кој дојде од италијанскиот клуб Фиорентина, каде што забележа 264 настапи, постигнувајќи 17 гола. Миленковиќ има 56 одиграни натпревари за селекцијата на Србија и играше во сите мечеви од групата Ц на ЕП 2024, вклучувајќи го и поразот од Англија (0-1).
ЛИАМ ДЕЛАП, ИПСВИЧ (НАПАД)
Ипсвич ја започна својата прва сезона по враќањето во Премиер-лигата по неколкуте последователни промоциите и, секако, ќе бара добра игра од своите нови засилувања доколку сакаат да опстанат. Напаѓачот Лиам Делап (21) дојде од Манчестер сити. Тој навистина забележа два настапа во Премиер-лигата за време на неговиот престој во Манчестер сити, но, по заемите во Чемпионшип-натпреварувањето, тој е решен да остави свој белег во Премиер-лигата сезонава иако неговиот клуб во првото коло на гости забележа пораз од Манчестер јунајтед (0-1).
ДИН ХУЈСЕН, БОРМУТ (ОДБРАНБЕН ИГРАЧ)
Бормут инвестираше во надежен млад играч, а тоа е 19-годишниот дефанзивец Дин Хујсен, кој дојде од италијанскиот гигант Јувентус за 12,8 милиони фунти. Тој стана четвртото летно засилување на Бормут кога пристигна на јужниот брег на 30 јули. Претходно тој забележа 13 настапи како позајмен играч на Рома во втората половина од минатата сезона. Г.И.