АТЛЕТИКА – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БУДИМПЕШТА
Таа настапи и на претходното СП во Јуџин и беше на 28-то место. Најголема пречка за сите маратонки ќе биде екстремно топлото време
Зоран Михајлов,
специјално од Будимпешта,
за „Нова Македонија“
Денеска, во 7 часот, од стартната позиција на долгиот пат од 42,195 километри ќе тргнат маратонките на Светското првенство (СП) во атлетика во Будимпешта. Меѓу најиздржливите ќе се појави и единствената македонска учесничка на ова СП, Адријана Поп Арсова, членка на АК Делта од Скопје. Таа на СП допатува со исполнета норма, а со својот тренер Димитар Петровски веќе една недела е тука и тренира во раните утрински часови, а и навечер, бидејќи температурата во Будимпешта деновиве не се спушта под 30 степени.
– Мора да внимаваме, зашто кај неа се чувствува една исцрпеност. Екстремно топлото време може да биде причина, не само Адријана туку и другите атлетичарки да не ги постигнат очекуваните резултати. Тука исклучок се оние најистренираните маратонки, кои во текот на сезоната преку учества на традиционалните маратони ја одржуваат формата. Што се однесува до настапот на Адријана мора да кажам дека треба да внимаваме, зашто високата температура може негативно да се одрази и на нејзиното здравје. Битно е да влезе во еден ритам што ќе ѝ одговара и евентуално да избори што повисок пласман. Добро би било да истрча како на СП во Јуџин, кога во конкуренција на 48 маратонки беше на средината, на 28-то место – вели Петровски.
СИТЕ ЗЛАТНИ МЕДАЛИ ВО БРЗО ОДЕЊЕ ОДАТ ВО ШПАНИЈА
Нема шега со шпанските претставници во брзо одење и во машка и во женска конкуренција. Тие триумфираа и на подолгата патека од 35 километри. За разлика од првиот натпревар на 20 км условите беа потешки, температурата беше над 30 степени, што за еден ваков натпревар е исцрпувачко. Во такви услови, во тешката и напорна трка успеваат само најподготвените. Овој пат без конкуренција повторно беа Шпанците. Што е уште поинтересно, ова ќе остане запишано и во аналите на СП оти првите победници одново триумфираа. Во машка конкуренција тоа беше Алваро Мартин, а во женска Мариа Перез. Така, овој тандем ѝ донесе дури четири златни медали на Шпанија.
Најголемото изненадување во шестиот ден на СП се случи во трката на 400 метри. Светскиот рекордер Вејд ван Никерк не само што не триумфира туку беше дури седми. Победи петтопласираниот од годинашнава ранг-листа во оваа спринтерска дисциплина, Антонио Вотсон од Јамајка. На програмата беше и финалето во скок во далечина. Гледачите уживаа во борбата, во која по многу пресврти златниот медал го освои Гркот Милтијадис Тентоглу, кој по одличната серија скокови над осум метри во завршницата скокна 8,52 м и не му дозволи на Вејн Пинок од Јамајка, кој скокна 8,5 м, да се радува на победата.
ТРИ СТОТИНКИ
Во женска конкуренција имаше три финални дисциплини, во кои се водеше голема борба и беше интересно и неизвесно. Само во трката на 400 м со пречки немаше многу дилеми. Од почетокот до крајот Холанѓанката Фемке Бол диктираше темпо, оставајќи ја зад себе Американката Шемиер Литл за 1,1 секунда, што во една спринтерска трка е голема разлика.
За шестиот ден од СП да биде исполнет со драматични случувања се погрижија и финалистките во трката на 100 м со пречки. Во почетокот сѐ беше навидум мирно, секоја од финалистките си беше со свои планови, но кога трката почна ја снема онаа смиреност и се разви голема борба. Во финишот тие беа толку блиску една до друга, така што не се знаеше која е победничка. Дениел Вилијамс од Јамајка победи со време од 12,43 секунди, втора е Џасмин Камачо Кин од Порторико со 12,44, а трета е Кендра Херисон од САД со 12,46 секунди. Во минатото во фрлање кладиво доминантни беа европските атлетичарки, особено од Полска, но сега сите три медали одат во Северна Америка. Првото место го освои Камрин Роџерс од Канада со резултат 77,22 м, пред Американките Џани Касановоит со 76,36 и Де-Ана Прајс со 75,41 м.