ТЕНИС – ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН
- Секој меч ќе се состои од еден поен, играта „камен, хартија, ножички“ ќе одлучи кој ќе сервира, а финалето е во арената „Род Лејвер“, со капацитет од 14.800 места, пишува „Би-би-си“. Ќе учествуваат аматери, потоа професионалци што се квалификуваа во Мелбурн и играчи со покана (познати личности)
Аматерските тенисери ќе имаат можност да освојат еден милион австралиски долари кога ќе се соочат со некои од најдобрите светски ѕвезди во пресметка од еден поен пред гранслем-турнирот Австралија опен, пишува „Би-би-си“. Вкупно 48 натпреварувачи ќе учествуваат на нокаут-турнирот денеска во Мелбурн, вклучувајќи 24 врвни професионалци. Светски број еден меѓу тенисерите, Карлос Алкараз, актуелниот шампион на Австралија опен, Јаник Синер, и тенисерката број два, Ига Швјонтек, се меѓу имињата што треба да настапат. Ќе учествуваат осум аматерски победници од претходните квалификации на државните првенства што се играа низ Австралија во 2025 година, потоа осум играчи што се квалификуваа во Мелбурн и уште осум со покана, вклучувајќи познати личности и поканети.
Секој натпревар ќе се состои од еден поен, а играта „камен, хартија, ножички“ ќе одлучи кој ќе сервира, пишува „Би-би-си“. Победникот на секој поен ќе продолжи понатаму, а финалето ќе се игра во арената „Род Лејвер“, со капацитет од 14.800 места. Пријавите за настанот уште се отворени, но организаторите потврдија дека 15 од професионалците имаат намера да се натпреваруваат, и тоа Алкараз, Синер, Александер Зверев, Феликс Оже-Алијасим, Лоренцо Мусети, Александар Бублик, Данил Медведев, Томи Пол, Ига Швјонтек, Коко Гоф, Елена Рибакина, Јасмин Паолини, Белинда Бенчиќ, Наоми Осака и Паула Бадоса, пишува „Би-би-си“. Австралија опен го одржа својот прв ваков турнир во 2025 година, а наградниот фонд беше 60.000 австралиски долари.
– Ѕвезди како Швјонтек, Синер и Гоф ќе играат заедно со обични Австралијци што се квалификуваат преку државните првенства, а тоа точно го доловува она за што станува збор на овој настан, зближувајќи ги луѓето преку тенисот на возбудлив и инклузивен начин – рече директорот на турнирот Крег Тајли, објаснувајќи ја причината за необичниот гранслем од еден поен, пренесе „Би-би-си“. Н.М.
































