Емил Павлов

Боите на Македонија ќе ги бранат 15 натпреварувачи, 10 во борби и пет во кати. И во двете конкуренции Македонија ќе има и екипен настап

КАРАТЕ – МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ДЕНЕСКА ПАТУВА НА ЕП ВО ШПАНИЈА

Македонскатa карате-репрезентација денеска патува на 58. Европско првенство (ЕП) за сениори, во шпанскиот град Гвадалахара (од среда до недела, пријавени се 548 каратисти од 47 држави). Македонија ја врзуваат убави спомени од европските првенства, каде што освои многу медали, па и сега целта е да се збогати колекцијата и да се продолжи континуитетот на освојување медали. По успешно завршените подготовки, репрезентативците со оптимизам гледаат на она што ги очекува на татамите во мошне силна конкуренција.
– Се чувствувам добро, имав успешен подготвителен период. Бев на тренинг-камп во Србија, кој беше зачинет и со контролни борби, каде што ја кренав формата на највисоко ниво. Последната недела имавме завршни подготовки во Бар заедно со репрезентацијата на Црна Гора. Моите очекувања на ова ЕП се да се покажам во најдобро светло, она што најдобро го знам во каратето, а со тоа верувам дека ќе дојдам до нов медал, а зошто да не биде и златен. Ако биде злато, секако дека ќе ми биде најдраг, оти покрај тоа што ќе ми биде трето злато од ЕП, ќе ми претставува и прв во нова повисока тежинска категорија. Се надевам дека ќе го подобрам тој резултат од 2019, кога токму во Гвадалахара освоив бронза. Но она што е исто така многу важно, е тоа што ова ЕП се бодува за Европските игри во Полска, годинава, каде што првите тројца од ЕП одат директно, следните тројца се од ранг-листата, еден е претставник од домаќинот на Игрите и еден ќе се натпреварува со вајлд-карта – вели Павлов, најуспешен и најдобар македонски каратист, носител на четири медали од ЕП, по два златни (2014 и 2018 г.) и бронзени (2016 и 2019).
Оптимистка е и Јована Георгиева, носителка на бронза од ЕП 2017.
– Европското првенство е многу квалитетно натпреварување, а конкуренцијата е секогаш силна, но знам дека дадов максимум во однос на подготовките, кои беа мошне квалитетни на физички и на техничко-тактички план. Се наоѓам во одлична форма. Со мојот клуб Олимпик остваривме и подготовки во Аранѓеловац на кои работевме тренинзи со квалитетни и искусни спаринг-партнери. Тие подготовки многу ни помогнаа во темпирањето на формата, што беше уште една потврда дека работиме добро, а завршните подготовки ги имавме со репрезентација на Црна Гора. По бронзениот медал во 2017 г., би сакала да повторам уште еден таков успех, што значи во Гвадалахара одам да се борам за медал. А за тоа ќе одлучуваат мојата добра стратегија, фокусираноста, како и желбата и вербата во себе – вели Георгиева.
Боите на Македонија ќе ги бранат вкупно 15 натпреварувачи, 10 во борби и пет во кати. И во двете конкуренции Македонија ќе има и екипен настап.
– На Европското првенство во мојата категорија ќе настапат 39 натпреварувачи, од исто толку држави. Конкуренцијата е многу силна, бидејќи тие се најдобри каратисти во нивните земји. Во одлична форма сум, добро подготвен и се надевам дека ќе го подобрам сјајот на медалот од минатата година, а со тоа ќе ја израдувам Македонија уште еднаш во низа – вели бронзениот од последното ЕП во Турција, Петар Спасеновски.
Во добар настап и пласман во врвот верува и Вероника Костовска, која во 2015 година стана европска првенка во кадетска конкуренција.
– Конкуренцијата ќе биде силна како и секоја година, но тоа не ме плаши. Се чувствувам одлично, се подготвувавме со Олимпик, но и надвор од државава и засеа сѐ тече по планот за Гвадалахара. Очекувам да го дадам мојот максимум, мотивирана сум, а пресудно за пласман на врвот ќе бидaт чистите мисли, смиреноста и, секако, желбата за успех – вели Костовска, која на ЕП во Турција беше петтопласирана.

[email protected]


ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ

2005 ката-тим бронза
2007 Иво Цветковски сребро
2007 Сaшко Арсовски бронза
2008 Ардита Исени бронза
2009 Наташа Илиевска сребро
2010 Огнен Груевски бронза
2011 Наташа Илиевска злато
2013 Берат Јакупи бронза
2014 Емил Павлов злато
2015 Мартин Несторовски бронза
2016 Емил Павлов бронза
2017 Берат Јакупи сребро
2017 Јована Георгиева бронза
2018 Емил Павлов злато
2019 Емил Павлов бронза
2022 Петар Спасеновски бронза