Лазовски припаѓаше на втората повоена генерација македонски тенисери што се појави во 60-тите години од минатиот век. Неговите афинитети беа речиси кон сите спортови, но тој се одлучи за белиот спорт, во кој успеа дури четири пати да стане републички сениорски првак

Јовица Лазовски (1)

Македонскиот тенис во минатото, впрочем како што е и денес, имаше истакнати поединци, кои прво се пробиваа во југословенската елита, за потоа да зачекорат на меѓународната сцена. По Втората светска војна, во 50-тите години од минатиот век, кога фудбалот беше најпривлечен за младите, имаше и такви што се одлучуваа да зачекорат на други патеки. Така, голем беше бројот на оние што заминуваа во ракометот, оној малиот, кој во тие години беше во зародок, други ја одбираа кошарката, а трети, пак, фудбалот, кој, рака на срце, во тоа време беше најпопуларен и сите сакаа да се занимаваат со овој спорт. Но поради ограничените можности на фудбалските клубови мала беше шансата сите да заиграат фудбал, особено во подмладокот на Вардар, зашто од објективни причини најпопуларниот клуб немаше можност сите деца да ги прими во својата средина.
За тоа беа потребни повеќе соблекувални, помошни терени, топки, кои ги немаше, како што ги има на пример денес и тие најчесто беа од рачна изработка, па, така, децата, сакале или не, доколку се определеа да спортуваат одеа во други спортови. Некои од нив ќе го погодеа спортот со кој ќе се заминуваат, други „промашуваа“, потоа брзо се разочаруваа и бараа друг спорт во кој ќе можеа да ги покажат своите квалитети. Еден од оние што имаа полн погодок во изборот на спортот беше Јовица Лазовски. Кога ќе го прочитаат неговото име љубителите на спортот, особено оние што ги следеа случувањата од дамнешни времиња, веднаш во ова име го препознаваат подоцнежниот тениски ас, кој во својата богата кариера освои и четири титули сениорски првак на Македонија. За семејството Лазовски да биде препознатливо во тенискиот свет се погрижи и неговиот помлад брат Мики, кој победуваше на првенствата на Македонија во младинска конкуренција, а еднаш, заедно со својот брат Јовица, станаа и сениорски шампиони во игра на двојки.

Самолови први тренери

Со Јовица Лазовски, кој, за жал, почина во 2016 година, шест години пред да замине од животната сцена снимив емисија во рамките на серијалот посветен на „Македонските спортски легенди“. Емисиите од овој серијал и денес репризно се емитуваат на Наша ТВ, која е една од ретките телевизиски куќи, дури може да се каже оти е и единствена, која им посветува големо внимание на оние личности што дале голем придонес за развојот на македонскиот спорт. Некои од нив не се веќе меѓу нас, но јас за да се осознае времето во кое спортувале, вадам фрагменти од нивните кажувања за претставувањето да биде што поцелосно и да се види како тие ја граделе својата спортска биографија. Тоа ќе го направам и овој пат, претставувајќи го Јовица Лазовски, еден од најдобрите македонски тенисери.
– Како младо момче се занимавав со сите спортови што во тие години се практикуваа во Скопје. Меѓутоа, и самиот не знам зошто најмногу се заинтересирав за тенисот. Можеби причина за тоа беа двата тениски терени на ТК Југ (толку имаше тогаш), покрај кои секој ден поминував одејќи кон Градскиот стадион и кон кошаркарското и фудбалското игралиште на ЖСД Работнички. Тука уште како дете ги гледав оние тенисери од првата повоена генерација, кои под водство на таткото и синот Никола и Душко Самолови ги обучуваа и подготвуваа младите скопјанчиња за тенискиот спорт. Уште во првите моменти и мене ме привлече тоа префрлање на топчето преку мрежата, па во еден момент си помислив зошто и јас не се пробам во овој спорт. Така, понесен повеќе од љубопитност дојдов и јас меѓу децата, кои веќе беа вклучени во тенисот. Уште во првиот момент кога го зедов рекетот во моите раце бев фасциниран и си реков „ова ќе биде мојот спорт“ – ми зборуваше Јовица.
Така, Јовица Лазовски се најде меѓу тенисерите. Желбата му беше еден ден да стане како оние играчи што веќе беа афирмирани и за кои на големо се зборуваше во спортскиот свет.
– Посакував еден ден да станам познат и афирмиран како оние од генерацијата на Штериев, Апостолов, Михајлов, Панов, Јанчулев, Јовановски и Мојсовски. Тие, всушност, ја претставуваа онаа прва група македонски тенисери, меѓу кои највозрасен и со најдолг тениски стаж беше тетовецот Спасеновски, кој беше и првиот сениорски првак на Македонија – вели тој.

Прекин поради поплавата и земјотресот

Не поминаа ниту два-три месеци откако рекетот се најде во рацете на Јовица, дојде поплавата, која ги покри терените со кал.
– Водата брзо се повлече, меѓутоа, маката допрва дојде. Требаше со помош на сите тенисери, млади и стари, да се исчисти калта и горе-долу терените да се оспособат за игра. Но тоа не одеше лесно, зашто од лопатите практично терените беа изорани и беше потребно да се вложат многу напори тие да го добијат претходниот лик. Но и кога ова беше направено имаше проблем со дренажата, па требаше повторно да помине еден период додека со помош на малите рачни валјаци терените не ја добија потребната цврстина. Бевме среќни што некако ситуацијата се среди и можевме да продолживме со тренинзите – велеше Лазовски.
Овој прекин малку ги исфрли од колосек тенисерите и другите спортисти. Фудбалерите не можеа да тренираат поради калта на Градскиот стадион и на помошните терени, истото ова се однесуваше и за ракометарите и за кошаркарките, чии игралишта беа на отворено, па и тие беа зафатени од поплавата. Иако во чистењето беа ангажирани сите спортисти и јавните комунални претпријатија, сепак, калта тешко можеше да се исчисти. Проблеми имаа и атлетичарите, меѓу кои бев и јас, не можевме да ги трчаме предвидените делници за тренинг, зашто низ целиот втор дел од паркот насекаде имаше кал.
– Малерот да биде поголем, не само за спортистите туку и за жителите на Скопје, следната година на 26 јули се случи разорниот земјотрес, кој однесе над илјада жртви, а за подолг период го парализира целокупниот живот во градот. Но во една таква ситуација, кога неволјите доаѓаа една по друга, немаше што да се прави. За среќа, благодарејќи на големата помош што доаѓаше од странство, ситуацијата побрзо од очекуваното беше консолидирана. Овде дојде до полн израз меѓународната солидарност, за што ние како скопјани, а и сиот народ во поранешната држава изрази голема благодарност – се потсетуваше на тоа време Јовица.
Тенисерите, како и другите спортисти, по прекинот повторно се вратија на тренинзите и кој како знаеше се снаоѓаше во новонастанатата ситуација.

Двојни тренинзи, за дополнување на загубеното

Она што беше испуштено поради природната катастрофа, која имаше разурнувачко дејство, мораше некако да се дополни.
– Не само ние тенисерите, туку сите спортисти требаше двојно повеќе да тренираат за да го надоместат загубеното и да бидат во чекор со оние спортисти што немаа такви непогоди како Скопје и можеа непречено да ги реализираат тренинзите – со тага на лицето зборуваше Јовица.
Поранешната држава, пак, во тој период имаше неколку тенисери со меѓународна репутација. Најпознат беше Јосип Палада, кој дојде во Скопје и 15 дена тренираше со нашите тенисери.
– Ова беа најубавите моменти од мојата кариера. Да се тренира со Палада, не само што беше корисно туку и многу возбудливо. Сите со нетрпение очекувавме големиот ас да дојде на терените и да почне да работи со нас. Од него навистина имаше што да се научи. Инаку, тогаш Југославија имаше и други асови со кои можеше да се гордее. Тука беа и Пилиќ, Јовановиќ, Прешецки, Шпеар, Јелиќ и уште неколкумина асови. Сите сакавме да бидеме барем слични на нив – носталгично се сеќаваше на тоа време Јовица.
Во периодот по земјотресот тенисерите на Југ најмногу ги користеа двата бетонски терена на воениот полигон во Градскиот парк.
– Проблем беше што моравме да доаѓаме во пет часот наутро за да го реализираме тренингот, и тоа само до седум часот, зашто потоа на секојдневните рекреативни активности доаѓаа старешините на ЈНА. Но кога нешто се мора, не е тешко. Така беше и со нас тенисерите, кои не сакавме да испуштиме ниту еден тренинг – беа зборовите на Јовица Лазовски.
По овој прв текст посветен на покојниот Јовица, во следниот, идната недела, ќе читате за неговите настапи во поранешна Југославија, за четирите титули сениорски првак на Македонија и за човекот што со сето свое срце му припаѓаше на тенисот, Милутин Ѓуровски, популарниот чичко Уте.


Јовица Лазовски

Роден: во 1947 година во Скопје, почина во 2016 година во родниот град
Кариера: Тениски клуб Југ, репрезентација на Македонија
Успеси: Победник на четири сениорски шампионати на Македонија, први места на повеќе турнири во младинска и во сениорска конкуренција