Фото: ЕПА

Меѓу петте моменти се доминантната игра на Полска на патот кон титулата, Леон со првото признание за МВП и светскиот рекорд во брзина на сервис, фантастичната атмосфера во осумте сали во кои се играа мечевите на ЕП, како и големиот интерес за социјалните медиуми на континенталното првенство

ОДБОЈКА

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) во пресрет на новата година ги сумира одбојкарските настани во 2023 година, меѓу нив и од Европското првенство (ЕП) за мажи годинава (кодомаќини беа Македонија, Италија, Бугарија и Израел), издвојувајќи ги најдобрите моменти на континенталниот шампионат, кој донесе многу возбуда и драма за гледачите и за играчите, пишува ЦЕВ. Меѓу петте моменти е и светскиот рекорд поставен во Скопје, за брзина на сервис. Во продолжение го даваме изборот на ЦЕВ.

  •  Полска ја освои титулата со стил. Откако освои два последователни бронзени медали, на ЕП 2019 и на ЕП 2021, секојпат губејќи по еден меч, во полуфиналето, Полска се врати со стил и го исполни својот потенцијал со извонредна изведба на ЕП 2023, откако загуби само четири сета, победи на сите девет меча (од нив пет во Скопје) и ја освои својата втора европска титула, пишува ЦЕВ. Згора, пет играчи на Полска влегоа во олстар-тимот. Полска вторпат на ЕП одигра без пораз, ја создаде досега својата најголема победничка серија во едно издание, девет меча по ред, и израмни рекорд за најмал број загубени сетови на едно ЕП, четири.
  • Вилфредо Леон го доби првото признание за најкорисен играч. Пет одбојкари на Полска се најдоа во најдобриот тим на шампионатот, вклучувајќи го и најкорисниот играч (МВП), Вилфредо Леон, кој блескаше во текот на целото натпреварување, постигнувајќи 13 поени во финалето против Италија и беше клучен играч за неговата репрезентација во освојувањето на втората европска титула. Во неговиот трет настап на ЕП, Леон вторпат е во олстар-тимот (претходно во 2019 година), сега добивајќи го и трофејот за МВП, за неговиот исклучителен придонес. Тој настапи само во 20 сета и на осум меча за Полска, но постигна 91 поен, што е просек од 4,55 поени по сет, што, пак, е еден од најдобрите во натпреварувањето, пишува Европската одбојкарска конфедерација.
  • Светски рекорд поставен на ЕП 2023. Континенталното првенство донесе и нов рекорд за брзина на сервис, откако претходниот беше надминат од холандската ѕвезда Нимир Абдел-Азиз, кој сервираше со брзина од 137,6 км/час, пишува ЦЕВ. Тоа беше на мечот со Чешка, на 2 септември, во Скопје. Три дена подоцна Леон сервираше со брзина од 138,6 км/ч. Тоа се случи на дуелот на Полска со Данска, во Скопје. ЦЕВ објави дека на ЕП 2023 имаше вкупно пет сервиси со брзина од најмалку 130 км/ч.
  • Фантастична атмосфера во осум сали. Речиси 185.000 гледачи се собраа во осумте сали во кои се одржуваа мечевите на ЕП 2023, обезбедувајќи одличен амбиент за натпреварите, пишува ЦЕВ. Над 9.500 гледачи беа на трибините во Рим за двете полуфиналиња, финалето беше распродадено, а 10.300 гледачи присуствуваа на драматичниот меч за бронзениот медал помеѓу Словенија и Франција, како и за финалето, каде што Полска го победи домаќинот Италија со 3-0.
  • Голем интерес за социјалните медиуми на ЕП 2023. Двете изданија на ЕП, за мажи и за жени, кои се одржаа во август и во септември годинава, привлекоа огромно внимание од публиката на каналите на социјалните медиуми на ЦЕВ, со над 300 милиони импресии околу платформите на социјалните медиуми, со произведени 1.500 видеосодржини, кои донесоа 80 милиони прегледи на социјалните мрежи, пишува ЦЕВ. Вкупно 170.000 луѓе ги следеа натпреварите на ЕП, а уште 170.000 дигитални следбеници беа регистрирани на каналите на ЦЕВ, со над 250.000 нови корисници за двете натпреварувања, објави ЦЕВ. Н.М.
Фото: ЕПА