Екипата на Центар Асеко СЕЕ

По третото коло водат Гаруда (Унгарија) и Тајфун (Словенија) со по шест бода, Центар Асеко СЕЕ е седми со четири

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП

Шахистките на Центар Асеко СЕЕ (2.326 рејтинг-поени, рангирани седми пред почетокот на турнирот) продолжуваат со успешните игри на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Драч (Албанија). Тие и во третото коло одиграа одлично, ремизирајќи 2-2 со силната екипа на белградска Црвена звезда (2.351, рангирана шеста). Од другите две македонски женски екипи, Гостивар (2.084, рангиран 19-ти) одигра 2-2 со француски Асниерс (2.253, рангиран деветти), што претставува успех, а Куманово (2.026, рангиран 17-ти) загуби со 0,5-3,5 од англиски Вуд Грин (2.298, рангиран осми). По третото коло, од вкупно седум, водат Гаруда (Унгарија) и Тајфун (Словенија) со по шест бода, Центар Асеко СЕЕ е седми со четири, Гостивар е 15-ти со три, а Куманово е 19-ти со два бода.
Во машка конкуренција скопски Гамбит Асеко СЕЕ (2.352, рангиран 31.) ја оствари втората победа, и тоа убедливо со 5,5-0,5 против луксембуршки Диферданж (2.171, рангиран 57.), а Прилеп (2.040, рангиран 75-ти) е поразен од англиски Слау шаркс (2.230, рангиран 45-ти) со 0,5-5,5. По две кола, Гамбит Асеко СЕЕ е на делба од 13. до 40. место со четири бода, а Прилеп, кој и понатаму е без освоен бод, е на делба од 76. до 84. место. Девет машки екипи засега имаат максимални три победи. Кај мажите учествуваат 84 клуба (вкупно 599 шахисти), а кај жените 26 клуба (121 шахистка). Г.И.