ФМ Роберт Велески

Русинот Алексеј Сарана го симна од врвот водечкиот Украинец Антон Коробов, и со 7,5 поени го презеде водството по деветтото коло

ШАХ – 23. ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Давид Николовски ја забележа својата прва победа, додека ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески по вторпат го подели поенот во деветтото коло на 23. Европско поединечно првенство (ЕП), кое се одржува во Врњачка Бања (Србија), во силна конкуренција на 484 шахисти, од кои 40 шахистки (126 ВМ, четири ЖВМ, 103 ИМ, шест ЖИМ, 106 ФМ и девет ЖФМ) од 40 држави. Преостанатите тројца македонски претставници ги загубија своите партии.
Николовски (1.860 рејтинг-поени, рангиран 458. на ЕП), ja надигра Французинката Луси Орловиќ (1.004, 483-та), додека Велески (2.106, 393-от) ремизира со послабо рангираниот Романец Адријан Пирвулеску (1.738, 474-от). Порази доживеаја Антон Златков (2.174, 357-от) од силниот женски унгарски интернационален мајстор (ЖИМ) Гал Жока (2.320, 268-та), со рејтинг поголем за 146 поени, Стојан Велкоски (1.868, 455-от) од Англичанката Инкаш Канделвал (2.255, 318-та) со рејтинг поголем за 387 поени, додека Дино Табаковски (1.692, 477-от) од Молдавецот Александар Лауда (2.084, 404-от), со рејтинг поголем за 392 поена.
На две кола до крајот, Златков е моментално најдобропласиран Македонец, 352. со 3,5 поени, Велкоски е 412-ти (плус 82,6 р.п.), а Велески е 435-ти, и двајцата со по три поени. Табаковски е 452-ти со 2,5 поени (плус 62,4 р.п.), додека Николоски е 475-ти со 1,5 поен.
Рускиот ВМ Алексеј Сарана (2.668, 11-от) го симна од врвот дотогаш водечкиот Украинец Антон Коробов (2.658, рангиран 18.), нанесувајќи му го првиот пораз на челната табла на ова ЕП. На втората табла, Унгарецот Бенјамин Гледура (2.637, 23-от) ремизира со поранешниот финалист за титулата светски првак, Израелецот Борис Гелфанд (2.674, рангиран деветти). Сарана изби сам во водство со 7,5 поени, додека група од седум шахисти, предводена од Коробов, заостануваа половина поен. Во ова коло белите фигури славеа во 87 партии, црните во 60, додека 87 завршија со поделба на поенот. Г.И.