Карлсен е актуелен светски првак во забрзан шах / Фото: Емил Јовановиќ

На отворениот турнир, пет силни шахисти се на врвот со по 4,5 бода, а со половина поен зад водечките има вкупно 12 играчи. На турнирот за жени, две шахистки се со максимални четири поени, а потоа шест со по 3,5 поени

ПО ПРВИОТ ДЕН НА СП ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Бурни партии и изненадувачки резултати имаше на првиот ден од Светското првенство (СП) во забрзан шах, на кое играат вкупно 319 учесници (отворен турнир во 13 кола и турнир за жени во 11 кола, во три натпреварувачки дена). Отворениот турнир (202 учесника, време за размислување 15 минути плус 10 секунди по секој потег) имаше возбудлив почеток во првите пет кола, по кои пет силни шахисти се на врвот со по 4,5 бода. Меѓу нив се бранителот на титулата, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.818 рејтинг-поени во забрзан шах), шампионот на Индија од 2022 година, Арјун Еригаиси, Ју Јангји од Кина, Иван Чепаринов од Бугарија и Видит Гујрати од Индија. Со половина поен зад водечките има вкупно 12 играчи. Карлсен, кој е и актуелен првак во брз шах, почна со неочекувано реми со многу послаборангираниот Никита Петров (2.509) од Црна Гора, но потоа победи во следните четири кола.
– Мојата игра е така-така, но мојот резултат е едноставно одличен – изјави Карлсен за норвешката телевизија НРК.
Сепак, не почнаа на високо ниво сите врвни играчи. Така, Американецот Фабијано Каруана својата прва победа ја оствари во третото коло, но загуби од Русинот Павел Понкратов во петтото коло, завршувајќи го денот со три поени. Нему му се придружува Холанѓанецот Аниш Гири, кој исто така имаше слаб почеток, кога загуби добиена позиција од Клементи Сичев од Русија, кој е со над 200 поени послаб рејтинг. Ова СП има посебно значење за Гири, оти е неговата последна шанса да се квалификува за Турнирот на кандидатите за 2024 година за предизвикувач на светскиот првак.
На турнирот за жени (117 учеснички), Нурѓул Салимова (2.371) од Бугарија и Јинер Жу (2.431) од Кина се со максимални четири поени. Ги следи група од шест кандидатки со по 3,5 поени, предводени од Индијката Рамешбабу Ваишали, како единствена меѓу нив што е во првите 20 пред почетокот на СП. Вчера беше вториот дел во оваа категорија, а се играа нови четири кола во двете конкуренции. Г.И.