ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ

ФИДЕ-мајсторите (ФМ) Јани Богоевски (2.144, рангиран прв пред турнирот) и Александар Кралевски се на чекор до освојување на првото место на третиот турнир, во класичен шах на ветеранскиот шаховски фестивал „Незаборав за хероите 1941-1944“, кој во организација на ШКВ Скопје 72, се игра во просториите на ШК Алкалоид. Богоевски во дербито на првата табла со бели фигури го победи Илија Стошевски (2.045), а Кралевски со црни фигури уште во отворањето рутинирано освои квалитет против Борис Јаневски (1.771) и стигна до победа.
– Недовршена симфонија би рекол. Богоевски беше тотално изненаден, па во продолжението потроши во размислување цел час и одигра со кралицата на полето а4, што беше слаб потег. Јас жртвував топ на полето а8 и едноставно форсирано потоа добивав со потезите г3 и ловец г4, но видов некоја матна слика и одиграв поинаку, што на крајот се покажа погрешно и загубив – изјави по партијата ланскиот победник Стошевски.
Во пресрет на последното седмо коло, на табелата по пет поени имаа Богоевски и Кралевски, кои во меѓусебната партија требаше да одлучат кој ќе биде победник. Со по четири поени ги следеа Миле Трајковски (1.894), ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.965), Стошевски и Атанас Ташевски (2.045). Г.И.