Македонија на медитерански игри досега освои вкупно 13 медали, од кои три златни, два сребрени и осум бронзени
МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ ВО ОРАН
Македонија ги освои првите два медала на Медитеранските игри (МИ) што се во тек во алжирскиот град Оран, а за тоа се погрижија борачите во слободен стил, Магомедгадџи Нуров (29) и Владимир Егоров (27). Нуров (категорија до 97 кг) со тоа го одбрани златото од минатите МИ, во 2018 година во Тарагона (Шпанија). Тој е носител на бронзен медал од Светското првенство во 2019 година, настапи и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио лани, во овој момент се смета за еден од најдобрите тројца борачи во светот и кандидат за медал и на ЛОИ 2024 во Париз. Првиот медал, бронзен за Македонија на овие МИ, го освои Егоров (категоријата до 65 кг), актуелен европски првак.
– Големо е задоволството во македонскиот табор поради двата медала на борачите, златото на Нуров и бронзата на Егоров. Тие имаа голема поддршка од трибините, сите ги бодревме, навивавме и тоа на некој начин им помогна, бидејќи решавачките поени ги освоија во финишот од борбите. Друго што е битно за нас, за македонските спортисти, тренери и функционери во Оран, се заедништвото, дружбата, поддршката. Се надевам дека нема да застанеме само на овие медали, оти допрва следуваат настапите на таеквондистите, на сребрениот олимпиец Дејан Георгиевски и на Филип Додевски, на џудистите, на ракометарите, кои имаат шанса да се борат за медал. Атлетичарот Дарио Ивановски ќе има силни ривали од африканските земји во трката на 5.000 метри, но тој е во добра форма и може да забележи добро време, можеби и да постави и нов македонски рекорд – вели спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски.
Македонија на медитерански игри досега освои вкупно 13 медали, од кои три златни, два сребрени и осум бронзени. Во Мерсин во 2013 година сребрен медал освои борачот Дејан Богданов, бронзени борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута, а во Тарагона во 2018 година со злато се закитија каратистот Берат Јакупи и борачот Нуров, со сребро таеквондистот Георгиевски, а со бронзи каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски и борачот Митров. Л.Д.: Г.И.