ЏУДО
Ова СП е од огромно значење за понатамошната кариера на овие репрезентативки, но и за македонското џудо воопшто, затоа што првпат по 2017 година имаме учесници на едно кадетско СП, вели тренерот Паскоски
На кадетското Светско првенство (СП) до недела во Загреб (Хрватска), боите на Македонија ќе ги бранат три џудистки, Георгина Блажеска (категорија до 44 кг), Азра Заими (до 52 кг) и Ива Богдановска (до 57 кг), сите од скопскиот ЏК Миоки. Нив ги предводи тренерот на овој клуб Игор Паскоски.
– Бидејќи станува збор за млади и перспективни џудистки, кои и наредната година ќе бидат во оваа возрасна група, немам посебни очекувања освен да го дадат својот максимум на татамите. Целта на учеството е да се адаптираат на спецификата на елитните натпревари и да стекнат соодветно искуство, кое во овој момент им недостига. Прво треба да го достигнат соодветното ниво, по што ќе може да бараме и некој посериозен резултат, а што со овој интензитет на активности би можело и би требало да се случи наредната година. Ова СП е од огромно значење за понатамошната кариера на овие репрезентативки, но и за македонското џудо воопшто, затоа што првпат по 2017 година имаме учесници на едно кадетско СП. Девојките се одлично подготвени и мотивирани, но, ќе повторам, според моето досегашно искуство, резултатите наскоро ќе следуваат. Веќе се познати и нивните противнички. Блажеска во првото коло за ривалка има претставничка од Кореја, Заими доби противничка од Грција, а Богдановска, по слободното прво коло, ќе се сретне со подобрата од борбата помеѓу џудистки на Тајпеј и на Литванија – ни изјави Паскоски.
На СП конкуренцијата е мошне силна, а за што подобар пласман ќе се борат 578 џудисти/ки од 64 земји. Г.И.