На листата со македонски шахисти водат Романов и Стојковска, а на светската и понатаму неприкосновени се Карлсен и Хоу

ЈАНУАРСКА РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ

Најдобрите десет светски шахисти останаа непроменети во минатиот месец, на врвот и понатаму неприкосновени се Магнус Карлсен и Јифaн Хоу, но неколку отворени турнири донесоа забележителни промени во пониските пласмани. Така, 15-годишната Русинка, Ана Шухман (2.365 рејтинг-поени), постигна најголем напредок во декември по турнирот во Барселона, освојувајќи 120 рејтинг-поени, со што првпат е меѓу првите 100 кај жените, Ксијао Јији (2.353) играше во финалето на Кинеската лига, освои 40 рејтинг-поени, враќајќи се меѓу 100-те најдобри шахистки, Русинот Андреј Есипенко (2.699), победник на најсилниот класичен турнир во декември, освои 17 рејтинг-поени и се доближи до елитата со 2.700 поени, а Ерменецот Шант Саркисјан (2.660), кој беше четврти на истиот турнир, стигна до 66-то место, што е негов најдобар пласман досега, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ).

На македонската машка рејтинг-листа, Евгени Романов и понатаму е прв (2.590), а потоа се Трајко Недев (2.475), Филип Панчевски (2.422), Александар Чоловиќ (2.413), Дејан Стојановски (2.407)… Меѓу првите 100 најмногу рејтинг-поени, 70, освои Кирил Николовски (2.029) и од 86-то сега е на 70-то место. На македонската листа за шахистки нема промени меѓу првите пет, води Моника Стојковска (2.067), а потоа се Весна Секуловска (2.062), Ивана Манова (2.059), Габриела Коскоска (2.002), Моника Жежовска (1.990)… Најмногу рејтинг-поени освои Софија Филипче (1.455), со што од 42-то се најде на 33-то место.

На рејтинг-листите во брз и во забрзан шах има значителни измени по Светското првенство (СП) во Њујорк. Меѓу првите 10 во забрзан шах седум играчи, заедно со Норвежанецот Магнус Карлсен (2.819), загубија значителни рејтинг-поени, а кошампионот, Русинот Јан Непомнијашчи (2.758), се искачи на третата позиција. Неколку играчи направија значителен напредок во првите 100, меѓу кои и новиот шампион, Русинот Володар Мурзин, кој е 65-ти. На СП во брз шах кошампионот Непомнијашчи (2.786) освои плус 16 рејтинг-поени… Во Њујорк играше и Узбекистанката Афруза Хамдамова (15), светска првенка за млади до 16 години, која се израмни на третото место во забрзан шах (беше седма во тајбрејкот), со нови импозантни 218 рејтинг-поени и се искачи на 20-то место. Индијката Хампи Конеру (2.446) ја освои својата втора титула со нови 15 рејтинг-поени, а Катерина Лагно од Русија додаде 28 рејтинг-поени… Г.И.