Софија Беловска и Моника Жежовска

Генерално одигравме солидно, а гледајќи ги последните 12 учества, ова е најдобар пласман досега на ЕП, вели тренерот и водич на македонските претставници во Прага, ИМ Марјан Митков

ШАХ – ЗАВРШИ ЕП 2024 ЗА МЛАДИ ВО ПРАГА

Македонската шахистка до осум години, Софија Беловска (ШК Гамбит асеко СЕЕ), е најдобропласирана претставничка, 21., со пет поени, a членката на МШК Центар и сениорска репрезентативка Моника Жежовска (категорија до 16 години) освои најмногу поени 5,5 и е на 25-то место, на Европското првенство (ЕП) за млади во Прага (до осум 10, 12 14, 16 и до 18 години). Жежовска е единствената од 13-те македонски претставници на ЕП 2024 што се пласира во првата третина на табелата. Кај момчињата, пак, најуспешни се Ахмет Селим Абурахман (до 10 години) на 43-то место и сениорскиот репрезентативец ФМ Антон Златков (до 18 години) на 49-то место, двајцата со по пет поени.
– Напорно ЕП во девет кола со многу учесници. Генерално одигравме солидно, а гледајќи ги последните 12 учества, ова е најдобар пласман досега на ЕП. Можеби од Жежовска, која беше релативно високо рангирана пред стартот, очекував уште половина поен повеќе иако играше добро, а истото го очекував и од Златков кај момчињата во оваа силна конкуренција. Но тоа само покажува дека треба уште да се работи, ако сакаат да се вмешаат во европскиот врв. Од другите, Беловска е најпријатното изненадување. Се работи за голем талент со предиспозиции да стане силна шахистка. Поседува голема упорност, желба, стрпливост во текот на партијата и да не стане од столчето по 4,5 часа, а и по партијата сака да остане во салата и да ги погледне другите партии, што е неверојатно за таа возраст.

Мислам дека ќе имаме силна шахистка во идно време, уште повеќе ако се знае дека таа игра шах една година, од кои последните шест месеци континуирано. Би го пофалил и Абдурахман, кој е супер перспективен шахист, како и за тоа колку вложува во шахот – вели ИМ Марјан Митков, секретар во Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), тренер и водич на македонските шахистки/ки на ЕП 2024 во Прага.
Тој го лоцира и проблемот што треба да се надмине за поголем успех во шахот.
– Кај нас проблемот е тоа што младите и талентирани деца малку работат на шахот. Тие не може да напредуваат брзо, ако тренираат само четири-пет часа неделно. Децава од другиве држави со кои разговарав ми рекоа дека работат на шахот дневно и по пет часа. Шахот бара многу работа, тоа е обемна материја. Во сите клубови се работи со овие деца, но треба и тие самите дома да работат, во спротивно само со рекреативен шах не може многу да очекуваме од нив. Самата организација и сместувањето на ЕП беа одлични – вели Митков.
Најуспешна нација на ЕП 2024 е Полска со шест медали (три злата, едно сребро и две бронзи), пред Франција (2-1-2) и Турција (1-1-1), а вкупно 15 држави освоија медали. На ЕП во сите категории (момчиња и девојчиња) играа вкупно 1.231 натпреварувач од 47 земји, од кои 190 со титули (еден ВМ, 13 ИМ, 88 ФМ. 31 ЖФМ, 31 КМ, 26 ЖКМ). Г.И.


Данчевски: Проектот шах во училиштата и големиот број шаховски школи почнуваат да дават подобри резултати

Ова е наш најдобар резултат досега на европските првенства. Дури четири деца остварија успешност над 50, а еден точно 50 отсто. Но останува чувството дека можевме повеќе. Проектот шах во училиштата, како и големиот број шаховски школи почнуваат да дават подобри резултати и ако продолжиме вака, следните години очекувам уште подобри резултати на ваквите настапи – вели професионалниот шаховски тренер, интернационалниот мајстор (ИМ) Орце Данчевски, кој ги следеше партиите на Европското првенство за млади.
Македонските претставници заедно на годинашното континентално првенство освоија вкупно 50,5 бода од 115 партии (40 победи, 21 реми, 54 порази) или 43,9 отсто. Седумте момчиња собраа 26,5 поени од 62 можни (21 победа, 11 ремија, 30 порази, 42,7 отсто), а девојчињата 24 поени од 53 партии (19 победи, 10 ремија, 24 порази, 45,2 отсто). Г.И.


Освојувачи на медали

ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР.
Полска 3 1 2
Франција 2 1 2
Турција 1 1 1
Чешка 1 1 –
Романија 1 – 2
Украина 1 – 1
Србија 1 – –
Израел 1 – –
Англија 1 – –
Грузија – 3 1
Ерменија – 3 –
Италија – 1 1
Шпанија – 1 –
Швајцарија – – 1
Норвешка – – 1


Резултати на македонските претставници

КАТ. ИМЕ И ПРЕЗИМЕ РЕЈТ. ПОЕ. МЕС. УЧЕС.
ДЕВОЈЧИЊА
8 год. Софија Беловска – 5 21 55
10 год. Андреа Цветановска – 2,5 69 73
12 год. Илијана Велева (1.556) 4,5 50 93
14 год. Ивана Велкоска (1.490) 3,5 94 109
16 год. Моника Жежовска (2.069) 5,5 25 96
18 год. Иџи Ајрадиноска (1.812) 3 71 84
МОМЧИЊА
8 год. Васил Иванов (1.452) 3 68 79
10 год. Ахмет Абдурахман (1.602) 5 43 113
10 год. Дамјан Николовски (1.526) 4 78 113
12 год. Павел Крстевски (1.873) 4 67 114
14 год. Андреј Иванов (1.879) 3,5 110 142
16 год. Ефе Ибраимов (1.770) 2 144 147
18 год. ФМ Антон Златков (2.297) 5 49 126