КАРАТЕ – ПРЕМИЕР-ЛИГА ВО РИМ

  • Одличен резултат за него самиот и за македонското карате воопшто, ако се има предвид дека беше единствениот од Македонија што настапи тука, како и фактот што првпат учествува во Премиер-лига, каде што не може секој да настапи. Секако, драгоцено е и искуството што се стекнува преку вакви силни турнири, ни изјави неговиот тренер од клубот Олимпик, Александар Кузмановски

Македонскиот каратист и младински репрезентативец, член на КК Олимпик од Скопје, Матеј Белистојаноски, го освои одличното 5. место во престижната Премиер-лига во карате, која се одржа викендов во Рим (Италија). Белистојаноски, кој беше и единствен учесник од Македонија, дебитира на ова престижно натпреварување на кое можат да настапат само најдобрите 32 каратисти во секоја тежинска категорија.
Белистојаноски, кој годинава се закити со златен медал на Европското првенство (ЕП) за каратисти до 21 година во Кипар, забележувајќи шест победи во низа, во Рим не се пласира во полуфиналето загубувајќи од квалитетниот египетски каратист Адел Омара со 0-2. Откако Омара успеа да влезе во финалето, на Белистојаноски му се отвори можност преку репасаж да се бори за бронзениот медал со Италијанецот Лука Мареска, но, за жал, загуби со 3-5, иако водеше со 2-0.
– Одличен резултат за него самиот и за македонското карате воопшто, ако се има предвид дека беше единствениот од Македонија што настапи тука, како и фактот што првпат учествува во Премиер-лига, каде што не може секој да настапи. Секако, драгоцено е и искуството што се стекнува преку вакви силни турнири. Во борбата за третата позиција, Матеј и поведе со 2-0 позиција. Штета! – ни изјави неговиот тренер од клубот Олимпик, Александар Кузмановски.
Белистојаноски, кој по ждрепката беше во шестата група, до петтото место стигна откако забележа победи над Јеркинбејк Баитуреев од Казахстан (1-0), Георгиос Балиотис од Грција (1-0) и Фабрицио Џордано од Италија (4-2). Во четврт-финалето загуби од Омара (0-2), а во борбата за третото место од Мареска (3-5). Златниот медал во оваа категорија го освои Јапонецот Југо Козаки, кој беше подобар во финалната борба од Омара. На Премиер-лигата во Рим беа пријавени вкупно 377 каратисти од 64 држави. Г.И.