Фото: ЕПА

ТЕНИС

  • Што и да правите, каде и да одите, со кого и да разговарате, тоа станува светска сензација. Станува наслов во некои од најважните весници. И само се обидувате да созреете, да се снајдете во светот. Кога почнувате втора кариера, сѐ се мери со успехот на освојување на Вимблдон на 17 години. И тоа го промени многу патот напред. Среќен сум што освоив три, но можеби на 17 години бев премногу млад. Уште бев дете, изјави Бекер во интервју за „Би-би-си“

Шесткратниот освојувач на гранслем-турнирите Борис Бекер вели дека жали што го освоил Вимблдон на 17 години поради притисокот што го имал за време на неговата играчка кариера и потоа, пишува „Би-би-си“. Германецот имал само 17 години, седум месеци и 15 дена кога го победи Кевин Курен од Јужна Африка во 1985 година, станувајќи најмладиот шампион на Вимблдон во машка конкуренција на сите времиња.
Бекер потоа освои уште пет гранслем-турнири, вклучувајќи уште два на Вимблдон, и стана еден од најголемите играчи на неговата генерација. Сепак, успехот на Бекер често беше засенет од бурниот приватен живот и од финансиските тешкотии, а во 2023 година тој беше ослободен од затвор во Лондон откако отслужи осум месеци од две и полгодишната затворска казна, пишува „Би-би-си“.
– Што и да правите, каде и да одите, со кого и да разговарате, тоа станува светска сензација. Станува наслов во некои од најважните весници. И само се обидувате да созреете, да се снајдете во светот. Кога почнувате втора кариера, сѐ се мери со успехот на освојување на Вимблдон на 17 години. И тоа го промени многу патот напред. Среќен сум што освоив три, но можеби на 17 години бев премногу млад. Уште бев дете. Се чувствував премногу удобно. Имав премногу пари. Никој не ми рече „не“, сѐ беше можно. Гледано од денешна перспектива, тоа е рецептот за катастрофа. Значи, преземате одговорност за вашите постапки, што е многу важно, оти повеќе не можете да се вртите назад. Не можете да го промените минатото. Можете да ја промените иднината затоа што живеете во сегашноста – изјави Бекер во интервју за „Би-би-си“ по повод објавувањето на неговата нова автобиографија.
Откако се пензионира во 1999 година, а потоа работеше како ТВ- коментатор, Бекер го тренираше Ѓоковиќ три години, од 2013 до 2016 година, помагајќи му да освои шест од неговите 24 гранслем-турнири. Г.И.