Австралијката заминува во спортска пензија на 25 години, со 15 титули поединечно, 12 во двојки, три гранслем-трофеи… и како моментен број 1 во светот
ТЕНИС
Актуелната победничка на Вимблдон и на Австралија опен, Австралијката Ешли Барти, изјави дека му кажува збогум на тенисот. Сите љубители на тенисот ги изненади тоа, особено што Барти има само 25 години.
– Повлекувањето е нешто за што размислував долго време. Лани Вимблдон многу ме промени како личност, а уште повеќе како спортист. Кога работите напорно цел живот за да постигнете една цел, а потоа ќе го освоите Вимблдон, еден од моите тениски соништа, мојата целосна перспектива се промени. Потоа дојде Австралија опен и искрено верувам дека најдобриот начин да го завршам моето патување е со освојување гранслем-титула во мојата држава. За мене е успех тоа што дадов сѐ што можев. Исполнетa сум, среќнa и знам колку труд вложив за да бидам најдобрата верзија од себе. Едноставно не чувствувам повеќе физички нагон за борба, емоционално сум исцрпена, а за да останеш на врвот треба да бидеш секогаш максимално подготвена – изјави Барти, која е прва на ВТА-листата, а досега освои 15 титули (три гранслема), во двојки уште 12 трофеи и бронза во мешани двојки на Летните олимписки игри во Токио.
И многу други спортски ѕвезди се пензионираа на млада возраст. Нико Розберг се повлече од Формула 1 кога имаше 31 година, само пет дена по освојувањето на неговата прва титула светски првак. Шведскиот тениски ас Бјорн Борг (пет победи во низа на Вимблдон, шест титули на Ролан Гарос) се повлече во 1983 година на 26 години. Швајцарската тенисерка Мартина Хингис (најмлада гранслем-победничка во 20 век, во 1997 година со 16 години и три месеца, а потоа и најмлада тенисерка број 1 во светот) се пензионира на 22 години, со пет гранслем-титули и 209 недели на врвот на светската ранг-листа. Боксерот Роки Марчијано беше светски шампион во тешка категорија четири години и славеше на сите 49 борби (43 со нокаут), кога се пензионира во 1956 година на 32 години. Тој е единствениот во тешка категорија што го напушти боксот без да биде поразен. Фудбалерот Марко ван Бастен освои три награди „златна топка“ и два европски купа и ЕП со Холандија, а блескавата кариера беше прекината поради повреда кога имаше 28 години…