Приоритет на оваа средба ќе биде зголемената финансиска поддршка на Олимпискиот план и програма на МОК за периодот 2025-2028, велат од МОК

МОК

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, добил позитивен одговор од претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, дека идната пролет ќе дојде во работна посета на Скопје.
– Приоритет на оваа средба, секако, ќе биде зголемената финансиска поддршка на Олимпискиот план и програма на МОК за периодот 2025-2028, за кој МОК веќе доби зголемување од 10 отсто во однос на финансиската поддршка од ИОК за периодот 2020-2024. Многу важна тема на оваа средба ќе биде и поддршката, финансиска и логистичка, од страна на ИОК во насока на успешна организација на европските младински олимписки игри „Скопје 2025“ – информираат од МОК.
Секако, поставувањето на фотоволтаичниот систем во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, за кој МОК доби почетна финансиска помош од ИОК, исто така ќе биде тема на оваа средба, во очекување на заокружување на финансиската конструкција за поставување на овој систем, со кој ќе се заштедат многу финансиски средства, кои ќе бидат насочени исклучиво за македонскиот спорт и македонските спортисти – велат од МОК. Г.И.