Историјата ќе покаже кој прави повеќе за мирот, оние што се обидуваат да ги одржат отворени комуникациските линии или оние што сакаат да изолираат или да поделат, изјави претседателот на ИОК, Томас Бах

ИОК ПО РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

За една година, колку што трае воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, се воведоа голем број санкции кон Русија и кон Белорусија, една од тие е забраната за настап на спортистите од тие земји на меѓународна сцена, која би можела да се промени ако биде усвоена препораката на Извршниот комитет (ИК) на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). ИОК неодамна предложи на спортистите од Русија и од Белорусија да им биде дозволено да учествуваат на претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, со неутрален статус, без истакнување државни симболи. Неодамна Европскиот парламент (ЕП) усвои резолуција со која ја осудува „неодамнешната одлука на ИОК да им се дозволи на Русите и на Белорусите да учествуваат под неутрално знаме во олимписките квалификации“, што Интернационалниот олимписки комитет го демантира.
– Не постои одлука на ИОК „да им се дозволи на руските и белоруските спортисти да се натпреваруваат во квалификациите за Олимписките игри во Париз во 2024 година“. Постои истражување на примарен концепт за условите за учество. Не е донесена никаква одлука. Резолуцијата на ЕП е во спротивност и со обединувачката мисија за градење на мирот на Олимписките игри и олимписката повелба, одобрена повеќепати од Европската Унија и нејзините земји-членки – пишува, меѓу другото, во соопштението на ИОК.
Неодамна 35 држави зазедоа заеднички став да се спротивстават на учеството на руските и на белоруските спортисти на ЛОИ 2024.
– Историјата ќе покаже кој прави повеќе за мирот, оние што се обидуваат да ги одржат отворени комуникациските линии или оние што сакаат да изолираат или да поделат. Наша задача е да ги зближиме луѓето. Тука сме да најдеме решение што ќе ја исполни главната мисија на спортот, а тоа е да се обединиме, а не да придонесуваме за конфронтации и нивна ескалација. Ние веќе поддржуваме над 3.000 украински спортисти, со желба да формираат многу силен тим на Украина на Игрите во Париз. Секој украински спортист може да се увери во солидарноста и во сериозноста на нашите намери – изјави, меѓу другото, претседателот на ИОК, Томас Бах, додека престојуваше на неодамна завршеното Светско првенство во алпско скијање во Франција. Г.И.