Сагата околу влегувањето на Новак Ѓоковиќ во Астралија ќе потрае уште неколку дена, што значи дека настапот на најдобриот светски тенисер на Австралија опен сѐ уште е под знак прашалник. Медиумите пишуваат дека министерот за имиграција, Алекс Хоук, денес нема да донесе одлука дали ќе му ја укине визата на најдобриот светски тенисер.
Ѓоковиќ, вчера, го доби судскиот спор против Владата на Австралија. Федералниот суд му ги врати документите и му ја одбри визата за престој. Ѓоковиќ, веднаш се упати кон арената „Род Лејвер“, каде веќе два пати тренираше.
Медиумите кои со внимание го следат овој случај, велат дека сојузната влада покренала истрага против Ѓоковиќ. Истрагата треба да покаже дали тој внел вистинити информации кога го пополнувал формуларот за влез во државата.
Ѓоковиќ, при влезот во Австралија рекол дека патничкиот формулар, во негово име го пополниле од Тенискиот сојуз на Австралија. Ова значи дека Ѓоковиќ или некој друг, на образецот, означил дека тој во период од 14 дена пред пристигнувањето во Австралија не патувал во други земји.
Австралиските власти сакаат да докажат дека некој лажел во овој случај.
Факт е дека Ѓоковиќ во периодот од 23 декември до 6 јануари, патувал од Белград во Шпанија. Тој тренираше во Марбелја до 31 декември. Во прилог на таквите тврдења одат пишувањата на шпанските медиуми и снимката што на Твитер ја објавија од една тениска академија.
Од министерството за имиграција, денес се огласиле само со кратко соопштение.
– Според овластувањата што ги има, министерот Хоук, детално ќе го разгледа случајот. Бидејќи случајот сѐ уште е отворен Не е добро да даваме коментари – порачале од кабинетот на министерот со напомена дека одлуката нема да биде објавена денес.