Петрушев (20) во финалната трка, за која пласман обезбедија 12 натпреварувачи, постигна време од 91,53 секунда, со заостанување од 4,97 секунди зад победникот Џовани де Џенаро од Италија
КАЈАК НА ДИВИ ВОДИ
Македонскиот кајакар Ангел Петрушев оствари извонреден пласман на Европското првенство (ЕП) во кајак на диви води, кое се одржа во Тацен (Словенија), освојувајќи го шестото место во дисциплината К1-слалом.
Младиот и талентиран Петрушев (20) во финалната трка, за која пласман обезбедија 12 натпреварувачи, постигна време од 91,53 секунда, со заостанување од 4,97 секунди зад победникот, италијанскиот натпреварувач Џовани де Џенаро.
Од Македонија, покрај Петрушев, на годинашното Европско првенство во Словенија настапија и Кристијан Смилев, кој беше 50-ти, и Стефан Рибарски, кој го освои 59-то место.
На ЕП 2024 златниот медал му припадна на Де Џенаро (86,56 секунди), среброто замина кај Австриецот Марио Лејтнер со заостанување зад победникот од 2,96 секунди, а бронзата ја освои Швајцарецот Гелиндо Чијарело со заостанување од 3,87 секунди.
Петрушев, кој е член на ККК Вардар од Велес, досега победи четири пати на меѓународниот Илинденски кајак-слалом (ИКАС), во 2019, 2021, 2023 и годинава, кој традиционално се одржува на Матка, покрај Скопје. Годинава тој победи на 55-то издание на оваа престижна спортска манифестација, во конкуренција на 80 натпреварувачи од шест држави (Македонија, Србија, БиХ, Романија, Турција и Грција). Г.И.