Од големи имиња, интензивни ривалства, рекордни подвизи до враќање на големи скијачи и нови места за натпреварување, сезоната на Светскиот куп во алпско скијање има сѐ што може да посака еден љубител на спортот, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Најдобрите во скијањето ќе го поминат светот по победи, титули во долгата сезона и, во Залбах (Австрија), во почетокот на февруари в година, медали и на Светското првенство.
Светскиот куп почнува идниот викенд, традиционално, во Зелден (Австрија), со велеслаломот за жени на 26 октомври и еден ден подоцна велеслаломот за мажи. Финалето на сезоната, во март, првпат ќе се одржи во Сан Вели (САД).
Од скијачите што се враќаат на патеките се, на пример, пензионираните, Норвежанецот Лукас Браатен (шампионот во слалом од 2023 година) и Австриецот Марсел Хиршер (двојниот олимписки, трикратен светски и 67-кратен шампион во Светскиот куп), кои треба да се натпреваруваат сезонава, првиот за Бразил, а вториот за Холандија, земји од кои потекнуваат нивните мајки.
На патеките се очекува враќање и на некои повредени, како трикратниот светски шампион Алексис Пинтуро (Франција), кој се врати на скии во август откако поради операцијата на левото колено ја заврши предвреме ланската сезона, потоа актуелната женска олимписка шампионка во слалом Петра Влхова (Словачка) и петкратната олимписка медалистка Венди Холденер (Швајцарија) се очекува да се вратат во наредните недели, олимписката шампионка од 2018 година, Софија Гоџа (Италија), како и Александар Амодт Килде (Норвешка) и Марко Шварц (Австрија), кои се борат да ги надминат тековните повреди… Н.М.