Алкараз (19) е најмладиот број 1 во 49-годишната историја на рангирањето на АТП и најмладиот што победил на гранслем-турнир, по Надал во 2005 година

ТЕНИС – ПО ТРИУМФОТ НА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ САД ОПЕН

Карлос Алкараз (19) испиша нова страница во тениската историја со триумфот на гранслем-турнирот САД опен во Њујорк, победувајќи го во финалето Норвежанецот Каспер Руд, со 6-4, 2-6, 7-6 и 6-3, и со тоа стана најмладиот светски број 1 во 49-годишната историја на рангирањето на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Досега најмлад светски број 1 беше Австралиецот Лејтон Хјуит во 2001 година, тогаш постар за 17 месеци од Алкараз сега. Алкараз е 28-от тенисер што станува број 1 на АТП-листата.
Алкараз е најмладиот со триумф на гранслем-турнир, по сонародникот Рафаел Надал во 2005 година, и најмладиот што победил на САД опен, по Американецот Пит Сампрас во 1990 година. Можеби е случајност, но и Надал и Сампрас првите гренслем-титули ги освоија на 19 години. Алкараз, кој годинава освои пет турнири (и еден лани), е дел од новата генерација тениски ѕвезди, еден од најперспективните на денешнината, заедно со Руд (23), кој годинава играше во две гранслем-финалиња (во Њујорк и на Ролан Гарос). Во минатите две недели Алкараз го покажа својот голем талент и демонстрира зошто многумина го сметаат за наследник на Надал, Ѓоковиќ и на Роже Федерер.
– Ова е навистина нешто посебно за мене, за ова сонував уште како дете, да бидам број еден во светот и да победам на гранслем-турнир. Уживам во овие моменти со пехарот и, се разбира, посакувам да освојам уште многу. Триумфот е резултат на напорна работа, моја, на тимот околу мене и на моето семејство, кое ме поддржуваше и ги донесуваше сите поголеми одлуки, бидејќи јас имам само 19 години – изјави Алкараз.
Тренер на Алкараз е Хуан Карлос Фереро, победникот на Ролан Гарос во 2003-та (тогаш е роден Алкараз) и финалист на САД опен истата година, по што стана и број 1 во светот. Тој вели дека шампионот е „роден да игра на вакви турнири“ и дека неговиот сонародник допрва ќе постигнува одлични резултати.
– Би сакал Карлос да освои 30 гранслем-титули. Ќе има многу шанси за тоа, но ќе треба да подобри многу работи во играта. Кога ќе станете број 1, не е готово, треба да продолжите да работите, да играте на високо ниво за да победувате на големите турнири. Тоа го знаеме и јас и тој – изјави Фереро, кој почнал да работи со Алкараз на 15 години, во неговата академија во Валенсија. Л.Д.


Временски гранслем-рекорд

Шпанецот Карлос Алкараз на годинашниот САД опен играше вкупно 23,40 часа и со тоа помина најмногу време на теренот на еден тениски гранслем-турнир. Со тоа тој го надмина досегашниот рекорд, на Јужноафриканецот Кевин Андерсон, од 23,21 часа, забележан на гранслем-турнирот Вимблдон во 2018 година, кога беше поразен во финалето од Новак Ѓоковиќ. Л.Д.