ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
- Ји Веи и Абиманју Пураник дополнително освоија и сребрени медали како најуспешни играчи на втората, односно на шестата табла, а Читамбарам Аравинд ја присвои бронзата на четвртата табла. Овој турнир е најсилен во клупската конкуренција на Стариот Континент, поради што често се споредува со Лигата на шампионите во фудбал, а ШК Алкалоид триумфира во 2016 година, а во 2017, 2024 и во 2025 година го освои второто место. Импресивен резултат за клубот, кој бележи 49 години постоење и шаховски раст, континуирано поддржуван од компанијата „Алкалоид“
Во последното седмо коло, на 40. Европски клупски куп (ЕКК), кој се играше на грчкиот остров Родос, шахистите на Алкалоид забележаа убедлива победа со 4,5-1,5 над најсилниот претставник на Израел, Ришон ле Цион, кој беше седми носител на турнирот според почетниот рејтинг, со што ја освои втората позиција на табелата, односно вицешампионската титула. Овој турнир е најсилен во клупската конкуренција на Стариот Континент, поради што често се споредува со Лигата на шампионите во фудбал, а ШК Алкалоид триумфира во 2016 година, а во 2017, 2024 и во 2025 година го освои второто место. Импресивен резултат за клубот, кој бележи 49 години постоење и шаховски раст, континуирано поддржуван од компанијата „Алкалоид“.
– Ни малку лесна победа во последното коло против тим што може да се нарече елитен, па по три часа игра резултатската неизвесност беше присутна. На првите четири табли не гледавме шанса за победа, но нештата се свртеа откако на петтата табла Александар Инѓиќ (2.618 рејтинг-поени) со бели фигури успеа да го надигра Евгени Занан (2.504). Постепено и на шестата табла Абиманју Пураник го скрши отпорот на ИМ Ор Бронштајн (2.460), па на тој начин почна да се наѕира победата што беше вредна медал. Тимот покажа карактер по минималниот пораз од ривалите за тронот, со што беше демонстриран борбен и победнички дух против тврдокорниот противник – рече ВМ Влатко Богдановски, кој е капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид, пишува ШК Алкалоид.
Израелскиот тим беше предводен од легендарниот Борис Гелфанд (2.636), поранешен учесник во меч за светски првак, кој успеа со голем жар да ја одржи послабата позиција во сицилијанска одбрана на првата табла против Арјун Еригаиси (2.773). Ји Веи (2.754) имаше црни фигури против уште еден елитен израелски велемајстор, Максим Родштајн (2.647), кој годинава на поединечното Европско првенство го делеше првото место. Членот на ШК Алкалоид солидно се бранеше, а кога противникот ја помина црвената линија обидувајќи се да игра на победа, со целосен пресврт успеа да донесе цел поен за висок резултат. И на третата табла Јангји Ју (2.720) не успеа да создаде конкретна предност, бидејќи Ницан Штајнберг (2.554) одигра на врвно ниво. Најдолго траеше дуелот на Читамбарам Аравинд (2.711) на четвртата табла, кој играше 70 потези, и неговиот противник Јахли Соколовски (2.539), кој ги преживеа сите напади.
Ји Веи и Абиманју Пураник дополнително освоија и сребрени медали како најуспешни играчи на втората, односно на шестата табла, а, пак, Читамбарам Аравинд ја присвои бронзата на четвртата табла.
Романскиот претставник Супер чес, предводен од светскиот првак Домараџу Гукеш, иако четврти носител, на крајот како единствен непоразен тим и со само една загубена партија, и тоа во последното, седмо коло, првпат го освојува пехарот во ЕКК со максимални 14 бода. ШК Алкалоид на второто место има 12 бода, колку и чешкиот Нови Бор, кој играше само со македонскиот шампион меѓу ривалите од првата петорка и го загуби тој дуел, но, сепак, на крајот стигна до шест победи и до бронзен медал.
Идната година предвидено е домаќин на ЕКК во шах да биде Црна Гора, информира ШК Алкалоид. Г.И.
Монте Карло е нов европски првак, Центар АСЕЕ е 11-ти, Гостивар 14-ти
На 29. Европскиот клупски куп (ЕКК) за шахистки, на Родос (Грција), настапија два македонски клуба, Центар АСЕЕ (2.129, рангиран деветти пред почетокот на ЕКК) и Гостивар (1.999, рангиран 14.). По седум кола, поуспешни беа шахистките од Скопје, кои го освоија 11-то место со седум екипни бода (14 поени по табли), односно по две победи и порази и три ремија. Гостиварки ја освоија стартната позиција (14) со шест бода (16 по табли) или три победи и четири порази. Во последното коло на ЕКК 2025, Центар АСЕЕ одигра нерешено, 2-2, со грчки Арис (1.887, 16.), а Гостивар загуби со 4-0 од англиски Лајонесес 2 (1.783, 18.).
Нов европски шампион е Монте Карло (2.490, рангиран прв) со 13 бода (19,5) од Монако, пред Сирмимум Сремска Митровица (2.409, 10.) од Србија со 10 бода (18,5), а трет е ланскиот првак, Тајфун (2.455, 3.) од Словенија со девет бода (17,5). За победничкиот интернационален состав настапија ВМ Александра Горјачкина (Русија, рејтинг 2.541), ВМ Дивија Дешмух (Индија, 2.498), ВМ Александра Костењук (Швајцарија, 2.469), ИМ Алина Кашлинскаја (Полска, 2.450) и ВМ Елизабет Паетц (Германија, 2.408).
Боите на Центар АСЕЕ ги бранеа ВМ Белослава Крастева (Бугарија, 2.316, освои 4,5 поени од шест партии, без пораз), ЖВМ Викторија Радева (Бугарија, 2.292, освои 4,5 од седум), ЖФМ Ивана Манова (Македонија, 2.010, 0/5, Драгана Николовска (Македонија, 1.899, 1/4) и Катерина Петровска (Македонија, 1.879, 4/6). За Гостивар настапија ЖИМ Љиља Дрљевиќ (Србија, 2.063, 4,5/6, без пораз), ЖФМ Патрице Најманова (Бугарија, 2.045, 2,5/6), ЖФМ Петја Караиванова (Бугарија, 1.951, 3/6), Ксенија Томин (Србија, 1.936, 3,5/6) и Аница Андоновска (Македонија, 1.813, 2,5/4).
На ЕКК 2025 играа 20 клуба со 92 шахистки од 13 држави (11 ВМ, седум ЖВМ, 20 ИМ, 12 ЖИМ, еден ФМ, 10 ЖФМ). Се играше на четири табли, а ниту една шахистка од македонските клубови не се закити со поединечен медал. Г.И.
Претходни пет шампиони, опен
ГОД. КЛУБ (ДРЖАВА)
2021 Медник Всадник (Русија)
2022 Нови Бор (Чешка)
2023 Оферспил (Норвешка)
2024 Нови Бор (Чешка)
2025 Супер чес (Романија)
Претходни пет шампиони, жени
2021 Јужен Урал (Русија)
2022 АСВО (Австрија)
2023 Супер чес (Романија)
2024 Тајфун (Словенија)
2025 Монте Карло (Монако)
ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Македонија 24-та, две места над почетното рангирање
Македонската репрезентација го освои 24-то место на втората Шаховска олимпијада (ШО) за лица со попреченост во Астана (Казахстан), односно две места над почетниот рејтинг (26) со пет екипни бода (девет по табли) со две победи, едно реми и три порази. Во последното шесто коло, Македонија (1.799 рејтинг-поени) загуби од Унгарија (2.057, осма) со 0,5-3,5, а единствено ремизира на третата табла Јанчо Ѓорѓевски (1.746) со Атила Пал (2.003). Постигнувањето на македонските претставници на ШО е следното: Жарко Селковски (1.936, 1/6 поени), Зоран Костадиновски (1.861, 4/6), Ѓорѓевски (4/6) и Марија Арсова (1.653, 0/6). Најдобар пласман, деветто место, оствари Ѓорчевски на третата табла, а на втората Костадиновски беше 10-ти.
Златото го освои првата селекцијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ, рангирана трета со рејтинг 2.176), со 11 бода (19,5 по табли), среброто Полска (2.296, прва) со 10 бода (16,5), а бронзата Израел (2.189, втор) со девет бода (15). За ФИДЕ 1 настапија ФМ Станислав Бабуркин (2.327), 4,5/6, Максим Ермаков (2.265), 5,5/6), ФМ Илиа Липилин (2.165), 4,5/5, Евгенија Захарова (1.939), 4/6 и ИМ Андреи Ободчук (2.171) 1/1. На ШО имаше 157 учесници од 36 репрезентации (два ВМ, 17 ИМ, еден ЖВМ, 14 ФМ, два ЖФМ), се играше на четири табли, а задолжително беше на четвртата да игра шахистка. Г.И.
































