Алкалоид третпат остварува пласман меѓу првите две екипи на Стариот Континент, во 2016 година стана европски шампион, а во 2017 година беше второпласиран. Успехот на екипата е резултат на одличната игра на сите шахисти, од кои најголем дел освои и медали за индивидуални резултати, Арјун Еригаиси на првата и Јангји Ју на третата табла освоија златни медали, Инѓиќ на шестата сребро и Читамбарам Аравинди на четвртата табла бронза. Со овој резултат Алкалоид се вбројува меѓу најуспешните екипи во шаховската Лига на шампионите во последните десетина години и најуспешните спортски колективи во нашата држава, информираат од ШК Алкалоид

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП

Алкалоид е европски шаховски вицешампион. Во последното, седмо коло на 39. Европски клупски куп (ЕКК) во Врњачка Бања (Србија) шахистите на македонскиот првак Алкалоид го одиграа својот најдобар меч и убедливо триумфираа над францускиот претставник Шартре со 5-1 за нова европска вицешампионска титула во конкуренција на 84 екипи.
Арјун Еригаиси на првата табла ремизира со легендарниот украински шахист Василиј Иванчук, кој во минатото исто така играше за „фармацевтите“. Со црни фигури беше и Нарајан на петтата табла, кој го подели поенот со Максим Лагард. На преостанатите четири табли беа извојувани убедливи победи. Веи Ји го совлада Маркандрија Маурици, водејќи ги белите фигури на втората табла, а неговиот сонародник Јангји Ју со црните триумфира против Лорен Фресине. На четвртата и на шестата табла Читамбарам Аравинд како „бел“ освои цел поен против Даниел Дарда, а Александар Инѓиќ го заокружи настапот со уште една победа, овој пат против Кристијан Бауер.
Триумфот во последното, седмо коло им донесе два бода на шахистите на Алкалоид, со што стигнаа до вкупно 12 бода (29,5 поени по табли). Турнирот го завршија со пет победи и два нерешени резултата, без пораз.
Од поголемата група екипи што имаа по 10 бода по шесте кола, ниту една друга не успеа во финишот да оствари победа. Суперчес беше поразен во дербито со Нови Бор, а дуелот на Бајеган Пендик и Туркиш ерлајнс заврши со нерешен резултат, исто како и тој помеѓу Тајфун со Сентименто Ајка. На овој начин, екипата на чешки Нови Бор стигна до третата европска титула, со 13 бода (29,5 поени по табли), еден повеќе од Алкалоид, а трет е романски Вадос со 11 бода (29,5 поени по табли).
За Алкалоид ова е третпат како е остварен пласман меѓу првите две екипи на Стариот Континент, при што во 2016 година стана европски шампион, а во 2017 година беше второпласиран.
Успехот на екипата е резултат на одличната игра на сите шахисти, од кои најголем дел освои и медали за индивидуални резултати. Така, Еригаиси (2.797) играше извонредно на првата табла и освои златен медал, како и Јангји Ју (2.717) на третата табла, Александар Инѓиќ (2.610) на шестата табла се закити со сребрен медал, а Читамбарам Аравинди на четвртата табла стигна до бронзениот медал.
Со овој резултат Алкалоид се вбројува меѓу најуспешните екипи во шаховската Лига на шампионите во последните десетина години и најуспешните спортски колективи во нашата држава, информираат од ШК Алкалоид. 


Гамбит АСЕЕ го освои 45-то место

Вториот македонски претставник на годинашниот шаховски Европски клупски куп (ЕКК), Гамбит АСЕЕ (просечен рејтинг 2.377 поени, рангиран на 26-то место пред почетокот на турнирот), ја освои 45-та позиција со седум екипни бода (по три победи и порази и едно реми) и освоени вкупно 29,5 поени по табли. Во последното, седмо коло скопјани, во чии редови играа и две шахистки, загубија од исландскиот претставник Брејдаблик (2.286, рангиран на 46-то место) со 1,5-4,5.
Најдобар поединец во редовите на Гамбит АСЕЕ беше репрезентативецот, интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски (2.388), кој играјќи на петтата табла освои шест поени од можни седум (пет победи и две ремија), со што се најде на осмата позиција (85,7 отсто) и освои нови 12,8 рејтинг-поени. На првата табла ВМ Евгени Романов (2,580) освои 3,5 поени од пет партии (две победи и три ремија), со просечен рејтинг на своите противници од 2.632 поени. ФМ Љубиша Андоновски (2.256) впиша 2,5 поени од три партии (две победи и едно реми). Од шахистките, ЖФМ Ивана Манова (2.060) освои два поена од шест можни (една победа, две ремија и три порази, 22,3 отсто) со просечна силина на ривалите од 2.103 поени.
Боите на клубот ги бранеа уште и ВМ од Бугарија Петар Арнаудов (2.407, 1,5/5 поени), ФМ Антон Златков (2.323, 2/6), ФМ Андреј Велјаноски (2.308, 3/7) и Катерина Петровска (1.901, 0/3). Најдобриот пласман Гамбит АСЕЕ во ЕКК го оствари во 2018 година, осмо место со 10 бода меѓу 61 екипа.


Шахистките на МШК Центар се седми

Единствениот македонски шаховски клуб на 28. Европски клупски куп (ЕКК) во Србија во женска конкуренција, МШК Центар (2.353, рангиран шести пред почетокот на турнирот), го освои седмото место во конкуренција на 18 екипи. По седум кола, скопскиот клуб освои вкупно осум екипни бода (четири победи и два пораза) и 17 поединечни поени по табли.
Во последното, седмо коло, тие ја победија словачката екипа Јавес модра (2.206, рангирана 10-та) со убедливи 3,5-0,5. Нов европски клупски првак стана словенечката екипа Тајфун (2.437, рангирана трета) со 12 бода (20 по табли), втора е унгарска Гаруда ајка (2.459, рангирана втора) со 11 (18), а трета е романска екипа Суперчес (2.426, рангирана четврта) со 10 бода (17,5).
Македонскиот тим настапи во состав ИМ Ставроула Цолакидоу (2.439 рејтинг-поени), која освои четири поени од шест можни и поединечно е на четвртата позиција играјќи на првата табла, ИМ Маи Нарва (2.415) 2/6, ЖВМ Белослава Крастева (2.274) 4/6, ЖВМ Викторија Радева (2.282) 3,6 и ЖИМ Викторија Погорелскиј (2.176, Србија) 3/4.
Најголемиот македонски успех во ЕКК за шахистки го постигна Гамбит Асеко СЕЕ, кога во Скопје во 2015 година го освои сребрениот медал. Г.И.