Инџиќ е петкратен првак на Србија

Единствениот македонски претставник Евгени Романов го освои 70-то место со 6,5 поени

ШАХ

Српскиот велемајстор (ВМ) Александар Инџиќ (2.624, рангиран 33-ти пред почетокот), кој годинава со ШК Алкалоид освои екипен сребрен медал, како и поединечен златен медал на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Врњачка Бања, играјќи на шестата табла, е нов европски првак за 2024 година. По одиграните 11 кола на поединечното Европско првенство (ЕП) во Петровац (Црна Гора), Инџиќ освои девет поени (седум победи и четири ремија, рејтинг-перформанс 2.820 поени и освоени нови 26,1 рејтинг-поени). За Инџиќ ова е втор златен медал на европско натпреварување, откако во 2023 година со репрезентацијата на Србија стана европски првак.
Второто место му припадна на ВМ од Белгија, Даниел Дарда (2.606, рангиран 41.), со 8,5 поени, а трет заврши ВМ од Германија, Фредерик Сване (2.654, рангиран 11.), со осум поени.
Единствениот македонски претставник на ова ЕП, ВМ Евгени Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54.), го освои 70-то место, со 6,5 поени (четири победи, пет ремија и два пораза, рејтинг-перформанс 2.618 поени и освоени нови 6,1 рејтинг-поени). Во последното коло, Романов со бели фигури загуби од ВМ од Чешка, Давид Навара (2.674, рангиран петти.), во 44-от потег во каталонско отворање.
Првите дваесетмина од ова ЕП обезбедија квалификациски места за настап на Светскиот куп (СК) на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2025 година. На ЕП во Петровац учествуваа 388 шахисти од 42 држави, од кои 119 беа велемајстори. Следното ЕП ќе се игра во Романија идната година. Г.И.