Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКАРИТЕ В САБОТА ЌЕ ГИ ДОБИЈАТ РИВАЛИТЕ ВО ГРУПНАТА ФАЗА НА ЕП 2026

  • Македонската репрезентација четврти пат во низа ќе игра на европските првенства во одбојка

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) информира за ждрепката на групите за 34-то Европското првенство (ЕП) в година во Италија, Финска, Бугарија и во Романија, на кое репрезентацијата на Македонија е меѓу 24-те учесници. Ждрепката треба да биде влечена в сабота, во Бари (Италија), информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Ждрепката во Бари ќе биде полудиригирана, односно четирите земји- домаќини ќе бидат сместени во по една од четирите групи, како нивни носители. Италија е носител во групата А, а натпреварите ќе ги игра во четири италијански града, Неапол, Модена, Торино и Милано. Бугарија ќе биде носител на групата Б во Варна, Финска во Тампере ќе ги дочека конкурентите во групата Ц, а Романија во групата Д ќе ги игра мечевите во Клуж.
Пред почетокот на ждрепката секој од домаќините ќе има право да избере по еден противник во групната фаза. Потоа ќе се формираат четирите барабани со по четири селекции, според пласманот на ранг-листата на Европската одбојкарска конфедерација, кој е веќе познат по комплетирањето на квалификацискиот циклус за ЕП 2026.
Според пропозициите, актуелниот европски првак Полска и финалистот на Европското првенство во 2023 година, Италија, не смеат да се најдат во иста група и во таков случај извлечената селекција ќе биде сместена во следната слободна група.
Ако не биде избрана од некој од домаќините на ЕП 2026, Македонија ќе ја чека ждрепката во четвртиот барабан, каде што најверојатно, според пласманот на листата на Европската одбојкарска конфедерација, би била заедно со Летонија, Шведска и со Данска, велат од Одбојкарската федерација на Македонија.
Македонската репрезентација четврти пат во низа ќе игра на европските првенства во одбојка, по настапите на шампионатите во 2019, 2021 и 2023 година, кога се пласира во осминафиналето.
Домаќините, Италија, Финска Бугарија и Романија, обезбедија директен пласман на ЕП 2026, а на континенталното првенство Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија се пласираа според пласманот на претходното Европско првенство, во 2023 година, Данска, Белгија, Чешка, Естонија, Швајцарија, Грција и Словачка како првопласирани во групите во квалификациите, а Македонија, Летонија, Турција, Израел и Шведска како најдобропласирани меѓу второпласираните репрезентации во квалификациите. Г.И.