Таа настапи во категоријата до 18 години и беше единствената Македонка
ЕП ЗА МЛАДИ ВО ЗАБРЗАН ШАХ
Македонската шахистка, членка на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, Инџи Ајрадиноска (1.804 рејтинг-поени, рангирана 26-та пред почетокот), го подели 26. до 30. место на Европското првенство (ЕП) за млади во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди за секој одигран потег по играч), во возрасните категории до осум 10, 12 14, 16 и 18 години, момчиња и девојчиња, кое се одржа во Прага, Чешка. Ајрадиноска беше единствената македонска шахистка што настапи, и тоа во категоријата до 18 години, а во конкуренција на 35 шахистки од 17 држави, според дополнителниот критериум заврши како триесеттопласирана. По девет одиграни кола, таа освои 3,5 поени (три победи, едно ремија и пет порази). Таа во последното деветто коло ја победи Полјачката Каролина Нидорис (1.633 рејтинг-поени, рангирана 35-та).
Првото место во оваа категорија припадна на женскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) од Полска, Марија Сиеканска (1.956, рангирана 10-та), со седум поени. Ова натпреварување претставуваше увод во она што следува, а тоа е ЕП за млади во класичен шах (90 минути, плус 30 секунди за секој одигран потег по играч), во истите седум возрасни категории, кое ќе се одржи исто така во Прага (22-31 август), а на кое за Македонија во различни возрасни категории ќе играат вкупно 13 претставници, од кои шест во женска конкуренција. Вкупно на ова ЕП во сите категории се пријавени 1.245 учесници од 47 земји. Г.И.