Актуелната светскa шампионка Венјун Ју вчера играше дополнителен тајбрејк против Ева Репкова од Словачка, откако резултатот беше 1-1

ШАХ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО БАКУ

Две изненадувачки елиминации се случија во втората рунда на отвореното Светско шаховско првенство, кое се одржува во Баку, Азербејџан. Првото го приреди Турчинот Вахап Шанал (2.585 рејтинг-поени), кој го победи светскиот првак во забрзан шах од 2021 година, Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.725). Откако ремизира во првата партија, Абдусаторов ја загуби втората со бели фигури. Во изедначена позиција тој нападна премногу оптимистички, по што се најде во загубена позиција.
Слична судбина доживеа и азербејџанската шаховска ѕвезда Шахријар Мамеѓаров (2.742), кој загуби со 0,5-1,5 од Сингапурецот Тин Џингјао (2.573) откако направи грешки во еднаква позиција. Некои од другите врвни играчи, како Хикару Накамура и Весли Со, вчера играа дополнителен тајбрејк.
Највисокорангираниот играч во светот, Магнус Карлсен (2.835), ја постигна својата втора победа. И покрај тоа што Карлсен беше малку подобар, Грузиецот Леван Пансулаја (2.564) имаше неколку шанси, но во тензична позиција направи клучна грешка. Меѓу другите врвни шахисти што се пласираа во третата рунда се и Фабиано Каруана, Јан Непомнијашчи, Лениер Домингез, Тимур Раџабов, Пархам Магсудло, Данил Дубов, Домарају Гукеш, како и растечките ѕвезди Нихал Сарин, Рамешбабу Прагнананда.

На женскиот турнир, пак, актуелната светска шампионка Венјун Ју (2.564) од Кина и Русинката Александра Костенјук (2.532), која победи на СП 2021, исто така вчера играа дополнителен тајбрејк. Ју по вторпат ремизира против повеќе од 200 рејтинг-поени послабата Ева Репкова (2.312) од Словачка во партија каде што ниедна страна не оствари предност. Поранешната кандидатка за светска првенка, Русинката Александра Горјачкина ја победи Лисандра Валдес од Куба и се пласира во третата рунда. Од другите главни фаворитки, пласман понатаму обезбедија Елизабет Паетц, Ана Музичук, Полина Шувалова, Химпи Конеру, Тан Жонгји, Харика Дронавали, како и поранешните светски првенки Ана Ушенина и Марија Музичук.
Турнирите во двете конкуренции ќе траат до 24 август, a играат 206 шахисти и 103 шахистки. СП има огромен награден фонд од 2,5 милиони долари, а од шампионатите за мажи и за жени првпат првите тројца играчи и од двете конкуренции ќе се пласираат за турнирите на кандидати за предизвикувачи на светските прваци во 2024 година. СП се одржува од 2005 година, на секои две години. Првото СП за жени беше организирано во 2021 година. Г.И.