Македонските џудисти ќе спроведат низа активности со кои ќе придонесат за подобрување на ситуацијата во локалните заедници, како дел од глобалната кампања на ИЏФ, која годинава ја носи пораката „Заедно сме посилни“, велат од ЏФМ
Со низа активности, многу различни од оние што ги гледавме изминатите години, секако предизвикани од пандемијата на коронавирусот, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), клубовите-членки и сите џудисти денеска го одбележуваат Светскиот ден на џудото.
– Во чест на роденденот на таткото на џудото, Џигоро Кано, денеска наместо на татамите, македонските џудисти ќе спроведат низа активности со кои ќе придонесат за подобрување на ситуацијата во локалните заедници. Планирани се голем број донации на храна и облека, еколошки акции, делење заштитни маски и едукативни летоци, кои ќе влијаат на подобрување на ситуацијата во овие времиња на екстремна здравствена и економска криза. Наменски насочените активности се дел од глобалната кампања на Интернационалната џудо-федерација, која годинава ја носи пораката „Заедно сме посилни“. И покрај силниот удар што пандемијата му го зададе на џудото, денес, повеќе од 20 милиони луѓе од целиот свет секојдневно тренираат џудо, а чествувањето на Светскиот ден на џудото има цел не само да ги покаже спортските вредности туку и да докаже дека џудото е повеќе од спорт. Сите активности ќе се одржуваат во согласност со препораките на комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за заштита во услови на пандемија – информираат од ЏФМ.
Џудо – нежен пат
Малото лице може да ја победи голема личност не затоа што малата личност сфатила како да го стори тоа без напор, туку затоа што сфатила како да го постави своето тело, своите мускули и да користи повеќе сила. Голема мудрост кажана во неколку реченици. Мудрост што треба да ја применуваме не само во спортот туку и во нашите животи. Џудо е збор што можеби звучи грубо, но во превод значи „нежен пат“. Во душата на овој фантастичен спорт е нежноста, нема место за насилство и за агресивност. Ова е спорт што инвестира во самоконтролата и во самопочитувањето, се негува одбранбениот инстинкт, се негува доброто од личноста, се тренира умот. Како во животот, така и во спортот, победата е посакуваната цел. Но овој спорт нѐ учи да го почувствуваме и падот како нешто величествено и да бидеме достоинствени во моментот кога го доживуваме. Џудото нѐ учи да го прифатиме падот и нѐ учи како да паѓаме без да бидеме повредени, велат од Џудо-федерацијата на Македонија.
УНЕСКО: Најпожелeн спорт за психичкиот и физичкиот развој на децата
Многу убави зборови и долги текстови може да се напишат за џудото, кое како спорт најдобро влијае врз целокупниот развој на децата и на младите. Но цел живот се учи. Неговото влијание не запира во салите за тренинг туку континуирано продолжува и надвор од нив. Живееме во време кога забораваме да ги негуваме духовните вредности, губејќи време во потрага по материјалните добра. Но џудото никогаш не ја заборава својата задача – создавање подобри личности и подобри општества. Поради сето ова и многу повеќе УНЕСКО го препорачува џудото за најпожелен спорт за психичкиот и физичкиот развој на децата од 4 до 21 година, велат од Џудо-федерацијата на Македонија.