Јада, кој веќе обезбеди олимписка А-норма за ЗОИ во Пекинг 2022, по тренинзите во Бугарија и во Австрија, го очекуваат трки во ИБУ-купот и во Светскиот куп во биатлон
НОРДИСКО СКИЈАЊЕ
Нордиецот Ставре Јада, претставникот на Македонија на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг во 2018 година, е речиси сигурен учесник и на ЗОИ во Пекинг 2022. Јада, кој веќе обезбеди олимписка А-норма, а на последната ранг-листа на Светската скијачка федерација (ФИС) има 63 поени, следната недела заминува на подготовки во Бугарија, во Белмекен, во близината на Банско, на 2.000 метри надморска височина.
– Таму ќе бидам петнаесетина дена и би требало да ги направам првите посериозни тренинзи на снег, јасно ако дозволат временските услови. По Бугарија, продолжувам за Австрија на нови двонеделни тренинзи на снег, сѐ до заминувањето за Шведска, на првите натпревари во ИБУ-купот сезонава во биатлон, на 25 и на 26 ноември – вели Јада, кој моментално тренира во Крушево.
По настапите на ИБУ-купот, Јада го очекуваат и трки во Светскиот куп во биатлон, исто така во Шведска, на крајот од ноември и на почетокот од декември.
– Светскиот куп е елитно натпреварување, за класа посилно од ИБУ- куповите, и претставува одлична можност да си ги испробам силите со најдобрите. Во план се три трки, две во Шведска и една во Австрија, на 10 км спринт. Потоа ќе следуваат и други трки и подготовки, со крајна цел што подобар настап на Игрите во Пекинг – истакнува Јада.
На ЗОИ во Пекинг (4-20 февруари), покрај Јада, кој веќе има обезбедено А-норма (под 100 поени), Македонија ќе има и претставничка. Засега има две кандидатки за тоа место, Михаела Даноска, која е стипендистка на Македонскиот олимписки комитет (МОК), и Ана Цветановска. Последниот рок за исполнувањето олимписки норми и за пријавување е 17 јануари 2022 година.