Викендов Ѓоковиќ постави нови два рекорда, а според некои пресметки, сигурно ќе остане на првото место на АТП-листата до 31 јануари в година, за најмалку 357 недели на врвот. Граф беше прва на ВТА-листата 377 недели, што засега е апсолутен рекорд
ТЕНИС
Новак Ѓоковиќ дојде до нова титула, шеста на турнирот од серијата мастерс 1.000 во Париз, а и до нов рекорд, оти сега вкупно има 37 од таа серија мастерс-турнири, еден повеќе од Рафаел Надал. Во финалето во неделата, Ѓоковиќ го победи Русинот Данил Медведев со 4-6, 6-3, 6-3. До крајот на сезоната, Ѓоковиќ има уште два настапа, завршниот мастерс-турнир во Торино следната недела, а потоа и во Дејвис-купот.
Според некои пресметки, Србинот Ѓоковиќ сигурно ќе остане на првото место на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) до 31 јануари 2022 година, што значи дека ќе помине најмалку 357 недели на врвот на АТП-листата. Тој во саботата по седми рекорден пат во неговата кариера обезбеди да ја заврши годината како водечки тенисер на АТП-листата, со што се одвои од делбата на досегашниот рекорд со Американецот Пит Сампрас.
На листата со најмногу недели на врвот на АТП-листата втор е Швајцарецот Роже Федерер со 310 недели, а трет е Шпанецот Надал со 209 седмици. Покрај многуте рекорди што ги држи, Ѓоковиќ со сегашното бодовно салдо ќе се доближи и до рекордот на Германката Штефи Граф, која 377 недели беше врвот на листата на Женската тениска асоцијација (ВТА), што засега е апсолутен рекорд.