Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, по деветти пат го освои гранслем-турнирот Австралија опен, откако убедливо триумфираше над Данил Медведев со 7-5, 6-2 и 6-2 по сетови во финалето во Мелбурн.
Српскиот тенисер на тој начин стигна до 18-от трофеј на гранслем-турнирите доближувајќи се до неговите најголеми ривали Рафаел Надал и Роже Федерер кои имаат по 20 освоени гранслем-турнири.
За Ѓоковиќ ова е трет освоен Австралија опен едноподруго, откако беше шампион и во 2019 и во 2020 година, со што има рекордни девет трофеи во Мелбурн (во исто толку финалиња). Тој успеа повторно да триумфира иако во текот на турнирот се справуваше и со повреда на стомачните мускули.
Русинот Медведев, пак, го загуби своето второ гранслем-финале по поразот во пет сета од Рафаел Надал на САД опен во 2019 година.