Македонската машка шаховска репрезентација го освои 35-то место на 23. Европско екипно првенство (ЕП), кое вечерва заврши во Терме Чатеж (Словенија), што е за две места послабо од почетниот ранкинг во конкуренција на 39 селекции, со една победа, три ремија, четири порази и едно слободно коло или вкупно шест бода (15 поени по табли). Во последното 9-то коло шахистите минимално загубија со 1,5-2,5 од Црна Гора (рангирана 29-та). Цел поен освои Емил Ристески, додека Никола Николовски ремизираше, а загубија Филип Панчевски и Тони Лазов.

Македонските шахистки (рангирани 31-ви) го освоија 30-место, што е за едно место подобро од стартниот рејтинг со две победи и шест порази (во 1-то коло беа слободни), односно со пет бода (12,5 поени по табли). Во последното коло исто како и мажите, минимално загубија со 1,5-2,5 од селекцијата на Исланд (рангирана 29-та). Победи Драгана Николовска, ремизираше Бојана Бејатовиќ, а загубија Моника Стојковска и Ивана Манова.

Поединечно, кај македонските шахисти најмногу поени освоија ИМ Никола Николовски 3,5/8 и ФМ Емил Ристески 3,5/6, додека кај македонските шахистки Ивана Манова, четири поени од осум партии.

Нов европски првак кај мажите стана Украина со 14 бода (21,5 по табли), пред Франција со исто така 14 бода (21,5), но послаб дополнителен критериум, додека трета е Полска со 13 бода (22,5). Досегашниот европски првак Русија заврши на шестата позиција со 12 бода (20,5). Кај жените пак, Русија ја одбрани титулата и златниот медал со 18 бода (29 поени по табли), втора е Грузија со 15 (22,5), а трет е Азербејџан со 12 (22). Идното ЕП ќе се одржи во Црна Гора во 2023 година. Г.И.

ЦРНА ГОРА – МАКЕДОНИЈА 2,5-1,5

ВМ Никола Ѓукиќ (2.519) – ИМ Филип Панчевски (2.490) 1-0

ВМ Лука Драшковиќ (2.469) – ИМ Никола Николовски (2.401) реми

ВМ Драгиша Благојевиќ (2.467) – ИМ Тони Лазов (2.393) 1-0

Никола Потпара (2.374) – ФМ Емил Ристески (2.315) 0-1

МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД 1,5-2,5

ЖФМ Моника Стојковска (2.066) – ЖВМ Ленка Птачникова (2.200) 0-1

Бојана Бејатовиќ (2.031) – Јохана Јохансдотир (1.952) реми

Драгана Николовска (1.877) – ЖИМ Акаведо Мендез (1.803) 1-0

Ивана Манова (1.809) – Хрунд Хауксдотир (1.731) 0-1