Себастијан Фетел вели дека Формула 1 се соочува со „големи предизвици“ за да ја обезбеди својата иднина во контекст на еколошките проблеми во светот, пишува „Би-би-си“.
– Постојат неколку големи прашања на кои треба да се одговори за да се осигуриме дека овој спорт ќе биде тука во годините што доаѓаат – вели Фетел.
Луис Хамилтон, пак, рече дека Ф1 „ќе мора да продолжи да се движи во насока да биде на електрична енергија во некоја фаза“, пренесува „Би-би-си“.
Ф1 минатата година лансираше план да има неутрална емисија на јаглерод до 2030 година, а меѓу плановите на спортот се и синтетичките горива. Хибридните турбо-мотори воведени во Ф1 во 2014 година доведоа до револуционерен чекор напред во ефикасноста. Обичните мотори на автомобилите имаат околу 30-отстотна топлинска ефикасност (претворање на енергијата на горивото во моќност), а моторите во Ф1 имаат над 50 проценти.
Но Фетел верува дека Формула 1 треба да се придвижи понатаму во оваа насока.
– Ф1 се одржува низ светот секоја година, во многу различни земји и како глобален спорт треба да се однесуваме одговорно. Ф1 треба да дава примери наместо да реагира на притисок однадвор. Кога станува збор за животната средина, гориме гориво што е многу мало количество од вкупната емисија на јаглерод, но, сепак, треба да почнеме да дејствуваме повеќе и да го даваме вистинскиот пример, не само за емисијата на јаглерод туку и за други работи.
Мали работи, но мислам дека секое малку прави разлика, има решенија за количеството пластични шишиња што ги консумираме за време на викендите, има решенија и за тоа како напојуваме некои панели. Ф1 е врв на мотоспортот во однос на развојот на болидите, а кога зборувате за болидите има повеќе што може да се направи за да имате поголема важност во иднина – вели четирикратниот светски првак, пренесува „Би-би-си“.
Хамилтон, исто така, ги поддржа ставовите на Фетел за потрошен материјал, посочувајќи дека пред пандемијата на коронавирусот да направи рестрикции, па само основниот персонал да присуствува на трките, имало „огромно количество отпад што доаѓа од викендот во однос на храна, угостителски услуги, пластични шишиња“.
– Не можам да замислам колку илјадници пластични шишиња доаѓаат од секој викенд. Ф1 дефинитивно треба да работи со организаторите, и сигурен сум дека работат, за да се осигуриме дека работат што е можно почисто и да го минимизираат отпадот – рече тој.