Светскиот првак и водечки возач сезонава во Формула 1 (Ф1), Луис Хамилтон, ќе се обиде утре да ја забележи шестата победа на патеката „Монца“ во трката за големата награда на Италија (почеток во 15.10 часот), со што би се доближил и на една победа до рекордот на Михаел Шумахер од 91 гранпри-триумф во Ф1.
Автодромот „Монца“ е изграден во 1922 година, а таму трки во Ф1 се одржуваат од 1950 година. На патеката позната како „храм на брзината“, Хамилтон победи во 2012, 2014, 2015, 2017 и во 2018 година. Пет триумфи на таа патека има и Шумахер (1996, 1998, 2000, 2003, 2006), четири има Нелсон Пике (1980, 1983, 1986, 1987), а осуммина возачи имаат по три победи, меѓу кои од активните возачи е Себастијан Фетел (победи во 2008, 2011 и 2013 година). Минатата година во Монца победи Чарлс Леклерк.
На седумте досегашни трки сезонава во Формула 1 Хамилтон забележа пет победи и има 157 бода, а потоа следуваат Макс Ферстапен (една победа) со 110, Валтери Ботас (една победа) со 107 бода итн.