Легендарниот атлетичар од Јамајка, Усеин Болт не се откажува од фудбалската кариера и сега тренира со норвешкиот прволигаш Стремсгодсет.
Најбрзиот човек на светот прво тренираше во дресот на јужноафриканскиот клуб Мелоди Сандоунс, потоа во март проба и со фудбалерите на Борусија од Дортмунт, а последните денови на мај тренира во Норвешка.
Јамајканскиот атлетичар со Стремсгодсет ќе игра против репрезентацијата на Норвешка до 19 години, а ќе биде и капитен на тимот на ѕвезди на хуманитарниот натпревар на 10 јуни против познатите фудбалери на „Олд Трафорд“.
– Можеби клубот ќе ги види моите можности и ќе ми даде шанса – изјави 31-годишниот Болт, кој се повлече од атлетиката минатата година по Светското првенство во Лондон.
Според директорот на Стремсгодсет, Јостеин Фло, присуството на освојувачот на осум златни медали на Олимписките игри претставува голема инспирација за играчите, тренерите и за клубот во целина.
– Тој е одличен фудбалер, инаку немаше да тренира со нас. На играчите им кажавме дека доаѓа нов играч и дека е многу брз, но кога се отвори вратата беа многу изненадени. Тоа беше шок за нив и не можеа да поверуваат – истакна Фло.
Болт во норвешкиот клуб го доби дресот со број 9,58, што е време на неговиот светски рекорд на 100 метри.