Српскиот велемајстор победи на турнирот со забрзано темпо, а македонскиот репрезентативец на турнирот со брзо темпо на игра
ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „СКОПЈЕ ОПЕН“
Српскиот велемајстор (ВМ) Горан Тодоровиќ (2.391 рејтинг-поени, рангиран четврти пред турнирот) победи на турнирот со забрзано темпо, со освоени седум поени, во рамките на шаховскиот фестивал „Скопје опен“. Исто толку поени од девет кола имаа и ИМ Никола Николовски, бугарскиот ВМ Петар Арнаудов, ФМ Динев Дејан, ФМ Емил Ристески и ИМ Филип Панчевски, но со послаб дополнителен критериум, па така Николовски е втор, а Арнаудов трет. На овој турнир се играше со време за размислување од 15 минути за партија, плус 10 секунди по секој потег по играч.
Најдобра шахистка е ФМ од Бугарија Белослава Крастева (рејтинг 1.898), осма со 6,5, а македонската претставничка Ивана Манова (рејтинг 1.717) е 25-та, со 5,5 поени. Настапија вкупно 97 шахисти од Македонија, Чешка, Србија, Израел, САД, Бугарија и од Косово. Наградниот фонд беше 105.000 денари, а победникот доби 21.000 денари.
На турнирот, пак, со брзо темпо на игра (три минути, плус две секунди по потег по играч), меѓу 76 учесници, во голем стил, победи ИМ Никола Николовски (рејтинг 2.322), кој освои осум поени и нови 31 рејтинг-поени, пред ИМ Филип Панчевски (2.474), со 7,5, а трет беше ИМ од Косово, Ндерим Сарачи (2.461), со седум. Најдобра шахистка беше ЖИМ од Србија Сандра Ѓукиќ (2.151), 17-та, со 5,5 поени, а Македонка, Манова (1.803), со 4,5 поени (38-ма). Наградниот фонд за овој турнир беше 55.000 денари, а победникот заработи 12.000. Лани на шаховскиот фестивал „Скопје опен“ и на двата турнира победи српскиот ВМ, Борко Лајтхајм.