СВЕТСКИ УЧИЛИШТЕН ШАХОВСКИ ТУРНИР

Индиското средно училиште „Веламал Нексус“ стана светски шампион на најголемиот онлајн шаховски турнир на средните училишта, откако во финалето го победи училиштето од Перу „Сако Оливерос“. Индиските велемајстори (ВМ) Гукеш, Прагнананда и Мендонка, заедно со ИМ Пранав и ИМ Риндија, минимално славеа со 3-2. Третото место му припадна на 33-то средно училиште во Монголија.
– Бевме фаворити за освојување на турнирот, но перуанскиот тим добро се бореше до крајот. Ова беше многу интересен турнир – рече 15-годишниот ВМ Домарају Гукеш од победничкото средно училиште.
На најголемиот училиштен онлајн турнир досега за ученици до 16 години, кој се одржуваше во текот на целата 2021 година, учествуваа вкупно 293 екипи, со 2.637 шахисти од 53 земји. Дванаесет врвни тима од прелиминарната фаза отидоа во Дубаи (ОАЕ) да го одиграат финалниот турнир. А таму, пак, играа 118 млади шахисти од Индија, Монголија, Перу, Чешка, Унгарија, САД, Израел, Шпанија, Турција и ОАЕ. За време на церемонијата на доделување на наградите, претставници на тимот на ОАЕ и Израел одиграа пријателски натпревар.