ЗА ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

Спортистите на Велика Британија (околу 370) што ќе настапат во Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио ќе бидат снабдени и со 45.000 ќесички чај, повеќе од 7.000 вреќи со чипс и речиси 8.000 тегли со каша, пишува британски „Гардијан“.
Повеќе од 50 велосипеди, исто така, се испорачуваат во Токио за да им помогнат на спортистите да го обиколуваат олимпиското село и да ги одржат нозете свежи, а ќе бидат обезбедени пакети за играње разни забавни игри. Предметите обезбедени од спонзори беа спакувани на голем товарен брод во февруари, заедно со опремата за тренинг, како што се боксерски вреќи, џудо-душеци и речиси илјада прекривки за душеци, перници и ќебиња. Бродот се очекува наскоро да пристигне во Токио по 55-дневно патување.
Британската олимписка асоцијација соопшти дека ќе има повеќе здравствени мерки што ќе ги надминуваат оние што ги побараа Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и организаторите на Токио, за да се осигури безбедноста на нивните спортисти, вработените и јапонската јавност, пишува „Гардијан“. Тие вклучуваат и користење средство за дезинфекција што ќе се нанесе на копчињата на лифтовите и на вратите во камповите за тренинг во олимпиското село, пишува „Гардијан“.