ТЕНИС – САД ОПЕН

Одличната Канаѓанка Лејла Фернандез се пласира во полуфиналето на тенискиот гранслем-турнир САД опен, елиминирајќи ја петтата светска тенисерка и петта носителка на турнирот Елина Свитолина од Украина, со 6-3, 3-6, 7-6. Младата Фернандез (19) одигра одличен меч, ги задржа смиреноста и концентрацијата и по тај-брејкот во третиот сет се избори за своето прво полуфинале на гранслем-турнирите. Нејзина противничка во полуфиналето на терените во Њујорк ќе биде втората носителка, Белорусинката Арина Сабаленка, која во четврт-финалето беше подобра од Барбора Крејчикова, со 6-1, 6-4 во сетови.
Заврши неверојатната приказна на САД опен годинава на брилијантниот шпански тинејџер Карлос Алкараз. Тој поради повреда го предаде четвртфиналниот дуел во вториот сет со Канаѓанецот Феликс Агуер-Алиасим, кој во полуфиналето ќе игра со Русинот Данил Медведев, кој, пак, беше подобар од Холанѓанецот Ботик ван де Зандшулп, со 6-3, 6-0, 4-6, 7-5.