Тоа е втора титула за Тампа беј, прва по пауза од 16 години
Хокеарите на Тампа беј се победници на НХЛ-лигата, го освоија т.н. Куп Стенли, откако со 4-2 во победи во финалната серија од плејофот славеа против Далас и по 16 години одново станаа прваци на НХЛ-лигата. Во шестиот натпревар Тампа победи со 2-0 и ја освои својата втора титула во најсилната хокеарска лига во светот.
Тимот го одигра речиси целиот плејоф без капитенот, Канаѓанецот со македонско потекло Стивен Стамкос. Тој се врати на мразот по пауза од шест месеци поради повреда, но одигра помалку од три минути на третиот меч од последната серија, во кој постигна гол.
Швеѓанецот Виктор Хедман (Тампа) е избран за МВП на плејофот. Ова е прв Стенли-куп за сите хокеари на Тампа беј, како и за нивниот тренер Џон Купер, во седмата сезона во клубот, освен за Пат Марун, кој минатата сезона со Сент Луис ја освои шампионската титула. Седуммина играчи од сегашниот тим на Тампа беј играа во финалето во 2015 година, кога загуби од Чикаго со 2-4.
Сезоната во НХЛ почна во октомври 2019 година, но по седумдесетина натпревари беше прекината на 12 март, поради ковид-19. Продолжението следуваше во почетокот на август, со двомесечен турнир и со настап на 24 тима во канадските градови Торонто и Едмонтон. Играчите и тимскиот персонал беа изолирани и редовно тестирани, а НХЛ објави дека немало ниту еден позитивен тест за време на деветнеделните натпревари.