Македонскиот рекорд во оваа дисциплина е на Исмаил Мачев, поранешен тренер на Стојоски, кој изнесува 47,49 секунди, постигнат во Будимпешта, во 1987 година

АТЛЕТИКА

Македонскиот атлетичар Јован Стојоски го освои првото место во трката на 400 метри на митингот во Белград, Србија, со време од 47.57 секунди што е негов личен рекорд, со кој си обезбеди и настап (нормата е 47,60 н.з.) на претстојното Европско првенство (ЕП) во сала во Торун, Полска, на почетокот од март. Тоа беше нов најдобар резултат на Стојоски на истата делница откако пред една недела, исто така во Белград, забележа време од 48,11 секунди.
Македонскиот рекорд во оваа дисциплина е на Исмаил Мачев, поранешен тренер на Стојоски, кој изнесува 47,49 секунди, постигнат во Будимпешта, во 1987 година.
– Недостигаат само осум стотинки до тој рекорд, но јас никогаш не зборувам за рекордите, сѐ додека не се случат. За тоа, потоа. Во наредниот период ми претстојат многу трки, Балканијадата во Истанбул, Србија опен митинг, кој е можеби и посилен од балканското првенство, па потоа и ЕП во Полска, на 400 метри. Ме очекуваат најмалку три до четири трки до крајот на зимската сезона, сите на 400 метри затоа што годинава сум фокусиран на таа делница поради Олимписките игри летово во Токио, кои се мојата главна цел – вели Стојоски.
На митингот во Белград трчаше и Дарио Ивановски, овој пат на 3.000 метри (8:05,98 минути), трет негов најдобар резултат во кариерата. Тој минатата недела во Белград постави нов македонски рекорд на 1.500 метри (3:45,46 минути) и за малку не оствари норма за настап на ЕП во Полска.