Облак на 200. меч по 112. пат не прими гол во шпанското првенство
Словенецот Јан Облак го одигра 200. натпревар во шпанската фудбалска Ла лига и по 112. пат го комплетира мечот без примен гол, откако Атлетико Мадрид ја совлада Валенсија со 1-0 во саботата, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“.
Одбраната на Атлетико Мадрид сезонава прими само два гола на девет натпревари (од Осасуна во победата со 3-1 и од Гранада во триумфот со 6-1), а тимот има девет победи и две ремија и со 23 бода е израмнет со водечкиот Сосиедад, кој одигра 10 натпревари.
Облак досега четири пати ја доби наградата „Рикардо Замора“ за најдобар голман на сезоната во Првата лига во Шпанија, за чувар на мрежата со најмалку примени голови во просек. Тој го доби признанието четири пати во низа од 2016 до 2019 година.
Најмногу пенали сезонава во Ла лига против Реал и Валјадолид
Реал Мадрид влезе во серија пенали досудени во полза на противниците во новата сезона на Првата фудбалска лига на Шпанија. Со пеналот за Алавес во поразот дома со 1-2 во саботата, на избраниците на тренерот Зинедин Зидан им беа досудени пет пенали во претходните три кола, па, така, шпанскиот првак и Валјадолид се тимовите против кои се досудени најмногу пенали сезонава во Ла Лига, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“.
Серијата на шпанскиот првак почна на гостувањето кај Валенсија, со трите изведени пенали во корист на домашниот тим. Пенал за противникот имаше на мечот со Вилјареал и сега на дуелот со Алавес., по само четири минути игра, пишува „Марка“.
ФУДБАЛ
Ал Ахли деветти пат е првак на Африка
Ал Ахли го победи Замалек со 2-1 и ја освои Лигата на шампионите на Африка за сезоната 2019/2020, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница. За Ал Ахли, кој со таа победа се пласира на Светското клупско првенство, кое треба да се одржи во Доха од 1 до 11 февруари 2021 година, тоа беше рекордна деветта титула во Африка во натпревар помеѓу двата тима од Каиро (Египет) и кое беше првото финале во Лигата на шампионите на Африка во кое се натпреваруваа два тима од иста земја, пишува ФИФА.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП
Ајзенбихлер го задржа жолтиот елек
Германецот Маркус Ајзенбихлер продолжи со победи во Светскиот куп во скијачки скокови, со триумф на натпреварот во Рука (Финска), и има две победи по два натпревара во новата сезона. Тој победи во текот на минатата недела и во Висла (Полска).
Ајзенбихлер во саботата во Рука скокна 146 и 141 метар и триумфира пред Полјаците Пјотр Жила и Давид Кубацки и со двете победи го задржа жолтиот елек за водечкиот во генералниот пласман во Светскиот куп.
Во Рука следуваа Халвор Егнер Гранеруд од Норвешка, Јапонецот Јукија Сато и Роберт Јохансон од Норвешка, а импресионираа 22-годишниот Словенец Бор Павловчич и 21-годишниот Артиј Аигро од Естонија, на седмото, односно на 14. место.
На натпреварот во Финска падна Норвежанецот Даниел Андре Танде, а членот на норвешкиот златен олимписки тим, Јохан Андре Форфанг, беше дисквалификуван поради предвремен скок.